Бочани е еден од илјадниците баратели на азил кои се наоѓаат во притвор вон територијата на Австралија, во тн. камп за процесирање во Папуа Нова Гвинеја, попрецизно на островот Манус кој е под административна ингеренција на Австралија. Ваквиот камп бил формиран за да се спречат сè поглемиот број случаи на луѓе кои бараат азил со тоа што пристигнуваат во Австралија со брод.
Книгата, чиј наслов е „Без пријател, освен планините: записи од затворот Манус“, е опишана како мешавина на стилови, делумно фиктивна проза, делумно „стратешки отпор“. А стратешкиот отпор меѓу другото се состоел од самото пишување на книгата, со оглед на тоа што телефонот преку кој ги испраќал пораките му бил неколку пати конфискуван.
„Ја испраќав книгата преку пораки затоа што чуварите можеа да ми влезат во собата и да ми го одземат имотот во секое време. Во февруари 2014 во тек на голема побуна сите бегалци си го изгубија и тоа малку имот што го имаа. Замислете што можеше да се случи ако ја пишував книгата на хартија. Дефинитивно немаше да ја имам“, вели Бочани.
Затворските побуни се само еден од настаните кои тој ги сведочел во текот на петте години поминати во центарот, вклучително и убиства, смртни случаи, самоповредување, обиди за самоубиства, пукање од страна на војници во алкохолизирана состојба и 23-дневни протести кога затворениците одбиле да бидат преместени од центарот во друго, полошо сместување. По професија Бочани е новинар и режисер. Освен книгата, тој во затворот го има направено и документарецот „Чаука, те молам кажи ни дека е време“, користејќи само мобилен. Чаука е име на домородна птица на островот Манус, но исто така и име на самицата во центарот. Пеењето на домородците им овозможува да го знаат точното време.
Австралиските власти не му дозволиле на Бочани да присуствува на настанот по повод излегувањето на неговата книга. Но под притисок на јавноста и невладините организации, како и бројните настани на кои тој сега е канет, изгледа ќе мора да попуштат.