Според некаква статистика, во Њујорк годишно се продаваат 5000 телескопи. Зборуваме за град кој „никогаш не спие" и над кој затоа не може да се види ниту една ѕвезда. Ама телескопиве и онака не се за гледање во небото туку - во други луѓе.
Дали е ова знак за нехуманоста на овој град? Веројатно, но можеби пак е знак на несовладлива хуманост, „визуелен еквивалент на оговарање".
За една таква приказна, за човек кој во гледањето гледа возбуда и задоволување на љубопитноста, станува збор во книгата на Гај Талезе (Guy Talese), „Воајерскиот мотел". Се работи за (наводно) вистински мотел, со 21 соба лоциран надвор од Денвер, чиј сопственик, извесен Џералд Фус, над креветите во собите направил отвори кои му овозможувале да гледа без да биде виден. Како што тврди книгата, тој во тек на неколу децении ѕиркал, речиси секоја ноќ, од она што тој го нарекувал „платформа за набљудување", правејќи стотици страници детални забелешки за човечката природа. Себеси не се сметал за манијак, ниту за нешто блиску до Џејмс Стујард во „Задниот прозорец", туку за истражувач-пионер, кој воајерството го користи како метод.
Љубов и секс, но и многу суровост и насилство е она што газдава го забележува во дневникот, заклучувајќи: „Луѓето се во основа нечесни и валкани". Како што минува времето, тој е сè подепресивен и поотуѓен. Авторот на книгата дошол во контакт со него откако овој му пишал во 1980. Тогаш Талезе го посетил мотелот и учествувал во неколку ѕиркачки сесии. Во книгата е опишана ситуација кога неговиот шал се слизнал низ дупката и паднал врз пар кој во тој момент имал секс, за малку оддавајќи го неговото присуство.
Но во тоа време Талезе не се одлучил да напише нешто во врска со целото искуство, затоа што не добил дозвола од газдата, но истовремено не го ни пријавил, дури и откако Фус признал дека бил сведок на убиство. Тие останале во контакт до 2013, кога овој конечно му дал дозвола да го користи и неговото име и неговите записи, затоа што како 80-годишник сметал дека законот ќе му прогледа низ прсти.
Уште пред објавувањето на книгата на 12 јули, откако во Њујоркер излегоа извадоци од неа, Талезе беше подложен на канонада критики, и беше обвинет за неетичко однесување и извитоперување на фактите. Имено, Фус воопшто не бил газда на мотелот во наведениот период (од 1980-1988), а голем број од опишаните случки се најверојатно сосема измислени. Ова во јавноста, особено во американската, повлече прашање - дали книгата треба да се оценува од новинарски, или од книжевен агол? Дали е воопшто битно дали нешто од ова е вистина? Авторот соочен со критиките во еден момент се откажа од своето дело, а потоа се премисли, и сепак почна да го промовира, велејќи дека „избрзал" со повлекувањето, односно дека „само се шалел".
За разлика од новинарите кои го прават парам-парче, книжевните критичари покажуваат симпатија за книгата, како и за односот на Талезе кон неговите „субјекти". Во ниту еден момент тој не го демонизира Фус, туку го третира како болен човек кому му треба помош. Однесувањето на гостите во хотелот се обидува да го објасни со нивното горчливо минато, сочувствувајќи со хендикепираните ветерани од Виетнам додека се обидуваат да имаат секс, и не успеваат. А најмногу почитување има кон лезбејките, кои ги нарекува „единствените парови кои изгледа дека уживаат во меѓусебното задоволување".
На крајот останува интересно она најбазичното - што воејерството, и кога знаеме дека не е баш морално исправно, ни предизвикува возбуда, дури и кога само читаме за него.