Мета-твитер-роман

Книга со твитови на луѓе кои пишуваат книга

Нова книга под наслов „Работејќи на мојот роман" од Кори Аркejнџл е всушност компилација на твитови испраќани на @WrknOnMyNovel од луѓе кои се во тек на создавање на нивните книжевни дела.

Се работи за роман за пишувањето роман, но и за потсетник за местото на книжевноста во современата култура. Аркејнџл (1978) се опишува како пост-концептуален уметник од Бруклин кој работи во повеќе медиуми, особено во дигиталните, истражувајќи ја врската помеѓу поп културата и новите технологии. Тој за книгата вели:

Работејќи на мојот роман е за чинот на креација и за јазот помеѓу различните начини на кои се изразуваме денес. Истражувајќи ги екстремните чувства кои ги доживуваме при правењето уметност, од задоволствo па дури и еуфорија, до оние денови или ноќи кога ништо не ни oди од рака, ова е приказна за тоа што значи да се биде креативна личност, и зошто и понатаму се трудиме да бидеме тоа.

Иако Аркејнџл сугерира дека има нешто длабоко облагородувачко во обидот да се пишува, книгата може да се сфати и како иронија, па и критика на нарцизмот и одложувањето на извршувањето обврски, огледало на досадата, збунетоста и немоќта да се создава - со други зборови сите можни пречки помеѓу нас и уметноста.

Но зошто книгата не се вика „Работејќи на моето сценарио" или „Работејќи на мојот список за купување"? Според коментаторот во The Paris Review, причината е што романот, со неговата богата интелектуална традиција и повремена комерцијална успешност, сè уште се смета за идеално средство за кажување нешто амбициозно (и длабокомислено). Па дури и ако малкумина навистина читаат романи, ние сме научени да мислиме дека пишувањето книга од ваков жанр е вреден и напорен потфат, а дека оние кои тоа го прават се сериозни луѓе кои имаат поголем умствен резервоар и дисциплина од повеќето од нас.

Реално тоа најчесто не е така. 675-те писатели или потенцијални автори чии твитови се вклучени во книгата изгледа дека дури не се ни свесни дека можат и да не успеат. Зборот „неуспех" не се појавува во ниту еден од нивните твитови. Можеби навистина се самоуверени, а може не сакаат да се урочат. „Си седам во кафич и работам на мојот роман" или „Се исклучувам за да пишувам, ќе се вратам наскоро", гласат некои од твитовите, кои можат да се сфатат како арогантни сигнали за „обичните смртници" дека тука се работи на нешто сериозно, но кои се поверојатно очајни обиди уште малку да се одложи тешката обврска.

Или како што напишал нобеловецот Сол Белоу во 1966: „Се прашувам дали во модерни услови ќе има доволно спокојство кое ќе му овозможи на нашиот современ Вордсворт да смисли што и да е. Чувствувам дека уметноста има врска со постигнувањето неподвижност среде хаос. Смиреност која ја карактеризира молитвата во центарот на бурата."

Дури и кога под „хаос" се подразбира вревата на интернет и социјалните мрежи што ни го одвлекува вниманието - бура во чаша вода.

31 јули 2014 - 10:20