Денес сме петок, но не 13-ти туку 18-ти. Тоа значи дека клубот под име „13-ка“ денес не би одржал свое собрание, туку би чекал некој друг петок. А и тоа е прашање дали би го знаеле, бидејќи неговите активности биле тајни.
Формиран на крајот од 19 век на Колеџот Вилијам и Мери во Вирџинија, САД, тоа меѓу другото се борело против суеверието наречено „трискедекафобија“ или малерозноста на бројот 13, особено кога истиот е поврзан со денот петок. Основачот на клубот, извесен капетан Вилијам Фоулер, одел по обратна логика - неговите членови требало да негуваат не фобија, туку филија кон бројот 13. Тој самиот припаѓал на тринаесет здруженија, во својата претходна кариера на архитект имал изградено 13 објекти, учествувал и преживеал во 13 битки за време на Граѓанската војна и секогаш кога тоа било можно правел значајни нешта на тринаесетиот ден од секој месец.
Основачкото собрание на клубот „13“, кој неформално функционирал и претходно, се случило на 13 јануари (петок) 1899 во 8:13 навечер, во просторијата број 13 на зграда во сопственост на Фоулер. При влегувањето присутните влегувале минувајќи под скала (уште едно суеверие кое требало да се искорени), а јаделе вечера составена од 13 оброци меѓу кои и салата од јастог во форма на мртовечки сандак. Сето тоа под знак на кој пишувало „Morituri te Salutamus" (поздравот на гладијаторите кон царот - „Оние кои ќе умрат те поздравуваат“).
Не се споменува црна мачка, но на гостите им било забрането да фрлаат сол преку рамениците (обичај за отстранување на влијанија на злите сили), а на следните состаноци им било кажувано намерно да ги отвораат своите чадори. Една година подоцна во извештајот за работата на клубот гордо се наведува дека и покрај ваквите „обратни“ активности ниту еден член не е мртов или болен, туку дека напротив, сите се екстремно среќни и богати.
Но полусериозната опсесија со 13-ката на овие луѓе можеби била исто толку силна (и ирационална) како и на луѓето кои во неа гледале злокобен симбол. Вториве забележале и еден „детал“ во своја корист - основачот умрел во сон откако се пофалил со своето „совршено здравје“. Ова само се надоврзало на претходни инциденти во текот на состаноците на клубот, кога келнер се здобил со фрактура на черепот кога спомнатата скала се срушила врз него. Еднаш имало и веројатно намерен напад со динамит (членовите избегале без повреди).
Клубот по смртта на Фоулер полека згаснувал, па по 1920-тите во списанијата и весниците кои до тогаш известувале за неговите активности, него веќе го нема.