Почеток на семестарот на Универзитет Конкордија во Канада. Еден од понудените предмети е „Од реализам до апстракција во канадската уметност“ кој го држи професор по име Франсоа Марк Гањон. Во воведното онлајн предавање сивокосиот професор им кажува на студентите дека курсот не е баш едноставен, но и дека тој очекува повеќе од само меморизирање на факти и датуми - занимавање со идеи и концепти.
Еден од студентите по име Арон Ансуини веднаш го засакал и предметот, и професорот. Во еден момент одлучил да го контактира и да му постави дополнителни прашања. Но кога се обидел да го најде неговиот мејл, наишол на - некролог. Франсоа Марк Гањон починал во 2019, на возраст од 83 години.
Ова било бизарно на повеќе начини. Прво, немало никаква забелешка во описот на курсот дека Гањон веќе не е жив. Уште позбунувачко било тоа што на студентите им пристигнувале пораки кои тие мислеле дека се од професорот, а најверојатно биле пишувани од асистентот. Анусини твитнал за ова и неговата порака набрзо добила над 200.000 лајкови и голем број коментари, меѓу кои и некои сосема практични како - „А добро, тогаш кој ги става оценките?“
Уште поинтересно е што асистентот ангажиран за административно водење на курсот, иако е истражувач од истата област, никогаш не се сретнал со Гањон, и - е ова е веќе чудно - и самиот НЕ ЗНАЕЛ дека професорот е мртов до твитот на Анусини. Едноставно бил презафатен со други курсеви, со над 90 студенти на секој од нив, за да се занимава со здравствената состојба на колегите.
Гањон навистина изгледа како ентузијастичен професор, некој кој си ја сакал работата. Бил еден од основачите на Институтот за проучување на канадската уметност. Едно од неговите деца, синот Јагир Гањон кој предава зоологија на Универзитетот во Лунд, Шведска, бил во најмала рака изненаден што предавањата на татко му се уште се користат, без притоа да биде јасно дека човекот починал. И не само тоа, туку се поставува и прашањето на авторските права - точно е дека татко му бил платен за својата работа, но само во текот на тој семестар, а не и за неограничено користење на предавањата на кои знае да има и по 200 студенти. Пред пандемијата курсот на Конкордија кој носи три кредити чинел околу 1000 американски долари.
Сето ова поттикнува дискусија околу потребата за промена на правилниците за онлајн образованието не само во Канада и на конкретниот универзитет, туку и многу погенерално. И професорите и студентите треба да добијат појасни насоки за начинот и условите под кои можат да се користат овие предавања а не само такви кои се однесуваат на општиот бон-тон и условите за добивање оценка. Но некои нешта и не мора да бидат покриени со официјални правила - би требало да се подразбира дека студентите имаат право да бидат информирани дали нивниот професор е жив или мртов.