Во јануари оваа година најавивме дека Кијану Ривс објавува роман во соработка со Чајна Миевил - историско-фантастична книга која е „спин-оф“ на неговата серија од 12 стрипови под наслов „БРЗРК“. Во неа, бесмртниот херој Берзеркер, се бори да - умре.
Во ново интервју за Би-би-си по повод излегувањето на книгата, Ривс вели дека има 59 години, па дека оттаму е „логично“ цело време да мисли на смрт. Истото го прави и спомнатиот лик во новата „Книга на некое друго место“, кому бесмртноста му е здосадена и фантазира како би било кога би можел да умре. Тој може да биде повреден, но раните му заздравуваат, отсечените делови од телото одново му растат, а кога пак целото тело му е уништено се појавува гигантско магично јајце од кое тој повторно се појавува.
„Б“ како што скратено се нарекува, има 80.000 години и е полу-смртник, полу-бог. На него е фрлена „клетва на насилство“ од која тој не може да се отараси. За разлика од својот лик, актерот е познат по својата воспитаност и ненаметливост, и често е опишан како „најфиниот човек во Холивуд“.
Тој вели дека инспирацијата за ваквиот насилен лик доаѓа од акционите филмови во кои глумел, како франшизата за Џон Вик. Сепак, се оградува од тоа дека насилството во уметноста може директно да влијае врз насилството во реалноста.
Првите критики за книгата (на пример оваа во Гардијан) не е нешто најпозитивна, забележувајќи на огорченоста и повторливоста на наративот, како и на екстремното, графичко насилство. Но ако не е толку добра книгата, ќе ја очекуваме Нетфликс адаптацијата, за која Ривс веќе има договор за улогата на „Б“, што на македонски може да означува и „Бесмртен“.