Во 1600-тата тогаш 13 годишниот Томас Клифтон бил грабнат на улица, додека одел кон училиште. Неговите киднапери? Две значајни личности од светот на лондонската забава: Натаниел Џилс, диригент со детскиот кралски хор и Хенри Еванс, продуцент во театарот Блакфрајарс. Томас не бил единствениот кој на овој начин бил „регрутиран“ во елизабетанскиот театар. Џилс и Еванс дури и не се потрудиле да го сокријат своето дело. Кога таткото на Томас конечно го нашол, тие тврделе дека имале право на она што го сториле.
За чудо, биле во право. Кралицата Елизабета му имала издадено дозвола на Џилс „да собере онолку деца колку што смета дека му се потребни, од сите катедрали, локални цркви, капели или други места кои ќе му се видат соодветни“. Тој и неговиот помошник ги следеле децата (главно момчиња) од црковните хорови низ земјата, се информирале дали има и други кои се талентирани, а потоа организирале нивно киднапирање.
Оваа дозвола била издадена за владетелот да ужива во гласовите на најталентираните музичари, но „продуцентите“ во ова гледале и бизнис можност - да се обезбедат пејачи за сцената на Блекфрајарс и плус да се добијат пари од загрижените родители.
Како што пишува Џејмс Х. Форс во „Уметноста го имитира бизнисот: комерцијални и политички влијанија врз елизабетанскиот театар“, соочени со уцена, родителите тивко ја откупувале слободата на своите синови, а индиректно го финансирале театарот.
Но изборот на спомнатиот Томас Клифтон се покажал како фатален. Неговиот татко бил благородник, чии врски му овозможиле да го изведе случајот пред суд. Плус, Томас не знаел ни да пее, со што Џилс и Еванс не можеле да го искористат аргументот дека дејствувале во најдобар интерес на хорот на кралицата.
Тие го загубиле случајот, а Еванс дури бил присилен да замине од градот. Дозволата на Џилс била обновена во 1626, но со дополнување - дека ниту едно од момчињата не смее да се користи како комедијант или во други претстави, туку само за славење на семоќниот Бог.
Сето ова има врска не само со кралските каприци, туку и со начинот на кој било конципирано детството во тој период. Детето било „роб“, најпрвин на своите родители а потоа и на својот работодавач, со што до зрелоста само менувал сопственици. Тоа било еден вид „комодифицирана сопственост“ која била образувана само заради социјално и материјално богатство. Монархот пак бил сметан за ултимативен родител на сите деца во своето кралство. И ова не се однесувало само на децата - во рацете на владетелот, сите биле „комодифицирана сопственост“, па оттаму само една писмена дозвола од кралицата била доволна да се оправда грабнување на момчиња од улица.