Казуо Ишигуро е далеку од непознато име во светската книжевност, па оттаму теоријата дека по Дилан оваа година комитетот ќе ѝ се наврати на досега честата практика на наградување опскурни автори, кои поради нешто се политички курентни, падна во вода. Ишигуро, роден 1954 во Нагасаки, се преселил со семејството во Англија кога имал пет години, заради работното место на татко му во Националниот институт за океанографија, завршил англиски јазик и филозофија на Универзитетот Кент и станал британски државјанин во 1982. И тоа е отприлика сè што стои во неговата неконтроверзна биографија, која не содржи елементи на некаква политичка ангажираност.
Неговите дела пак, осум книги кои се преведени на над 40 јазици, од кои најпознати се „Остатоци на денот“ (за која во 1989 ја доби Букеровата награда) и „Никогаш не оставај ме“, главно се занимаваат со темите на меморијата, времето и самоизмамата. Тие завршуваат без чувство на катарза на главните ликови и со доза на меланхолична резигнација. Според критичарите ова е рефлексија на јапонската идеја на „моно но аваре“, сензитивноста кон ефемерните нешта, свесност за минливоста и нежната тага која произлегува од неа. И покрај јапонското потекло, Ишигуро сепак често изјавува дека не ја познава доволно јапонската култура (ја напуштил земјата на пет години, а прв пат се вратил во неа дури 30 години подоцна) за да може да се идентификува со неа, и дека неговите книжевни инспирации ги црпи на друго место - од Достоевски и од Марсел Пруст.
Покрај пишувањето, слично како и неговиот јапонски колега Мураками, и Ишигуро негува голема љубов кон музиката, посебно кон џезот. Во своите рани 20-ти тој работел со бездомници во Лондон и сакал да стане музичар, но по некое време сфатил дека не е доволно гламурозен. „Јас сум од оние луѓе во карирани џакетчиња со кожни лепенки на лактите“, коментира самиот за себе.
Сепак се има обидено на полето на музиката во соработка со американската џез пејачка Стејси Кент и нејзиниот сопруг, саксофонистот Џим Томлинсон. Резултат на нивната соработка се стихови од нејзиниот албум од 2007, „Појадок на утринскиот трамвај“ кој беше номиниран за Греми.
„Една од клучните работи кои ги научив додека пишував ситхови - а ова имаше огромно влијание и врз мојата проза - е дека интимната песна не смее да биде самодоволна, дека е потребна извесна недореченост, читање помеѓу редовите“, изјавил тој.
А такво „читање меѓу редови“ неговите романи имаат доживеано и низ нивните филмски верзии. Филмувани се четири негови книги од кои две, „Остатоци од денот“ (номиниран во 1994 во дури осум категории, од кои не доби ниту еден) и „Белата грофица“ ги има режирано Џејмс Ајвори. „Никогаш не оставај ме“, дистописката научна фантастика со Кира Најтли и Кери Мулиган пак беше режиран од Марк Романек (попознат по неговите видео спотови за Џони Кеш, Најн инч нејлс, Мадона и Мајкл и Џенет Џексон). Помалку познат, но не помалку интересен, е „Најтажната музика на светот“, канадски филм со Изабела Роселини од 2003, за пивска бароница која во времето на Големата депресија во САД организира натпревар за композиција која ќе ја преставува најтажната музика на светот. Експериментален и снимен во стилот на 1920-тите, во него има и лик на виолончелист од (кобајаги) Србија, кој настапува под името „Гаврило Велики“.
Денес Ишигуро ја слуша веројатно најрадосната музика во својот живот. И нека му е со среќа Нобелот, кој го стави на ист список со неговите земјаци Черчил, Киплинг, Харод Пинтер, Дорис Лесинг. И да, со Боб Дилан.