„Има и полоши работи од тоа ужасно да згрешиш за Нобеловата. На пример погрешно да процениш кој ќе стане претседател“, вели коментатор на Њу Рипаблик еден ден пред прогласувањето на овогодинешниот лауреат на престижното признание за литература.
И покрај својата репутација на ароганција и политичка ангажираност, Комитетот може да биде баш луциден, па и ироничен, како што се покажа лани кога после доста години прв пат прогласи лауреат-Американец во облик на човек кој (технички) не е ни писател, ни поет, ни драмски писател ни новинар, а прескокна еден куп други кои се и тоа, и заслужни Американци.
Но освен јаката дискусија која ја предизвика ваквата одлука и начинот на кој Дилан си играше со нервите на Комитетот (ќе се појавам да ја примам-нема да се појавам) има уште една нуспојава на ланската ситуација - и претходно никој со точност не можеше да ја предвиди Нобеловата за литература, но минатогодишниот избор драматично го промени обемот и репутацијата на наградата.
Што е денес Нобеловата за литература? Ова беше тешко да се одговори и претходно, со оглед на тоа што во иста група се добитници како Черчил, Дарио Фо и Светлана Алексиевич, но после Дилан одговорот е уште потежок.
Според „упатените“ оваа година би требало да следи некој вид враќање во мејнстрим водите со „класичен“ Нобел (читај: опскурен, политички ангажиран писател), или обратно, толку познат автор за кој никој нема да може да спори дека ја заслужил.
Њу Рипаблик оди чекор понатаму, и своите предвидувања ги групира во неколку категории: „Фаворити на обложувалницата Ладброукс кои реално имаат шанса“; „Не, не оваа година“ (тука е Мураками); „Овие Американци сигурно нема да ја добијат“; „Нема ни овие Британци и Ирци“; „Ако победи автор кој пишува на англиски, ќе биде еден од овие Австралијанци“ (патем, никој од Австралија не добил Нобел од 1973) и „Можеш ли да замислиш?“ (во која има само две имиња, Елена Феранте и Карл Уве Кнаусгорд, „норвешки пушач на цигари“).
За иронијата која се насетува во оваа класификација да биде посилна, постои и „Обврзна музичка категорија“, во која по Дилан со Нобел треба/може да се закитат, меѓу другите, Брус Спрингстин, Ник Кејв, Кање Вест, Џони Мичел, Кендрик Ламар и Вили Нелсон. (Целиот полусериозен, полуцепки список тука)
Последна е категоријата „Еден од овие луѓе навистина ќе ја добие Нобеловата“. Меѓу нив се Хуан Марсе, каталонски романописец и сценарист; Јаан Каплински, естонски поет и филозоф; Камау Братваите, поет од Барбадос; и од нашите краишта, Дубравка Угрешиќ. На крај на овој список е „Некој за кого не сте чуле од земја која никогаш не сте ја посетиле“ (како па да сме чуле за повеќето останати).
И покрај благата потсмешливост на текстовите кои се обидуваат да ја релативизираат тежината на наградата и вревата која се крева околу неа, утре во 13 часот повеќето од оние кои имаат каква и да е врска со новинарство, издаваштво и трговија со книги ќе бидат на социјалните мрежи за во реално време да ја дознаат големата новост.
Ние сме некако за Вили Нелсон, ама само дур Кендрик уште малку не порасне.