Мат Фреркинг денес има 49 години. Во 2010 нему му е посветена епизода на подкастот - oвогодишен добитник на Пулицер за аудио новинарство - This American Life. Таа почнува со тоа што новинарот, Крис Хигинс, го прашува: ако добиеш напад во текот на разговорот, што треба да направам? „Па гледај да можам да дишам, а би било добро ако не лежам на нешто остро“.
Нападите за кои станува збор на Мат му почнале четири години претходно. Тие му предизвикуваат привремена парализа која трае одреден период, понекогаш секунди, но понекогаш и со часови. Дијагнозата е нарколепсија со катаплексија. Првото означува ненадејно заспивање, дури и во ситуации во коишто е речиси неверојатно дека човек може да го фати сон. А второто е поврзано со состојба која на пациентите им предизвикува губење на контрола врз телото - во случајот на Мет тотално онесвестување - како резултат на некаква емоционална состојба.
Најсилен поттикнувач на катаплексија, иронично, се состојби на радост. Кога детето ги дува роденденските свеќи. Кога најдобрата пријателка застанува пред матичар. Среде секс. Дури и поглед на слатко кученце може да предизвика губење на свеста. И ова можеби звучи смешно, но воопшто не е. Луѓето кои страдаат од ова нарушување, за кое нема лек, се како проколнати - никогаш да не можат да се израдуваат. Со текот на времето научуваат како да си ги стишаат емоциите и да ги доживуваат дури и крајно среќните моменти „умерено“.
Приказната за Мат бил инспирација за филмот „Ода на радоста“ од 2019 (го има на ХБО) во која него го толкува Мартин Фриман. За разлика од Мат, кој по професија е невронаучник, Чарли (така се вика ликот) е библиотекар, кој социјално се изолира поради својата болест. Се додека не ја запознае Франческа, од која и здрав човек може да го загуби умот. Филмот е по малку „лигав“ но има и одлични моменти, кога Чарли, обидувајќи се да не се онесвести кога пред себе гледа среќни дедо и внуче, гласно изговара „Конгрес, гладни во Дарфур, белци со суканици“, додека на слушалки му оди некаков погребен марш. За да ја одбегне Франческа тој почнува да се гледа со далеку поневозбудлива девојка (ја игра Бернардет од „Биг бенг тиори“), која набргу станува свесна дека не му се допаѓа затоа што со неа не паѓа во несвест.
Како и да е, комбинацијата вистинска приказна/епизода од подкаст и филм се одличен начин да се дознае за оваа состојба. Која и покрај ироничниот наслов, сепак е далеку од радосна.