Во годините по Втората светска војна музиката еволуирала од биг-бенд џез во примордијалните елементи на рокенролот. Овие погласни стилови си барале и соодветни инструменти. Кога малата фирма на Лео Фендер почнала да ја рекламира првата електрична гитара, за да не остане покусо, Гибсон, најголемиот производител на гитари, побрзал да направи компетитивен производ. Притоа го убедиле славниот музичар и иноватор Лес Пол- истиот оној кого претходно за поддршка го молел Фендер - да стане нивен консултант и да си го стави името на неа. Така е родено најголемото ривалство во гитарскиот свет, Гибсон наспроти Фендер, и Лес наспроти Лео.
Додека Фендер бил тивок, полуслеп и самоук поправач на радио апарати од руралната Оринџ Каунти, Пол бил брилијантен но егоманијакален музичар со големо искуство во експериментирање со нови музички технологии. Нивното соперништво преминало во музички вооружена војна во моментот кога најдобрите музичари на 1950-тите и 1960-тите - како Мади Вотерс, Бади Холи, Битлси, Боб Дилан и Ерик Клептон - почнале да „бираат страна“, односно да користат гитари или од едниот или од другиот производител.
Приказната за создавањето на електричната гитара и онаа за двајцата ривали е раскажана во нова книга под наслов „Раѓањето на гласното“ од Јан С. Порт. Но таа не е само книга за технологијата на раните гитари и економските последици од лудилото по нив, туку и историја на дизајнот, како и културолошки пресек на времето на кое се однесува. Во 1940-тите, многу пред oфицијалниот спој на гитарата и струјата, Пол имал креирано некаков франкештајновски предмет наречен „Трупецот“, примитивна електрична гитара направена од парче борово дрво, на која имало прицврстено куп челични кабли. Книгата почнува од тој момент, за да заврши со изведбата на американската химна на Џими Хендрикс на Вудсток во 1969, кога свирењето електрична гитара било издигнато на такви висини кои според авторот на книгата веќе можеби никогаш нема да се повторат.