Да речеме дека е 2500-та година, и научниците од некоја вселенска агенција слична на НАСА очекуваат порака од првите колонисти кои тргнале кон друг планетарен систем. Вселенското летало било лансирано пред два века, период во кој на него неколку генераци живееле, се репродуцирале и умреле. Комуникацијата со овие луѓе за сето ова време била минимална. По пристигнувањето една радио порака со брзина на светлината патува цела деценија за да стигне до Земјата. Научниците со големо нетрпение ја очекуваат, собрани околу мониторот на кој таа треба да се појави.
Ама има еден проблем: пораката е неразбирлива. Не дека има некој технички дефект во нејзиниот пренос. Изгледа како реален јазик, тук и таму има по некој познат збор и фраза, но целата порака е полна со необични зборови, и иста таква граматика и синтакса. Научниците бргу сфаќаат - јазикот на патниците во меѓувреме мутирал, и за разбирачка со нив тој ќе треба да се научи како странски јазик.
Вообичаено кога се мисли на лингвистика и вселенски патувања тоа е таков тип сценарио кое подразбира комуницирање со вон-, а не со земјани. Но еден вселенски брод кој долго време патува низ времето и просторот е идеална средина за забрзана јазична промена.
За ова има повеќе причини. Како прво, јазикот се менува кога луѓето се наоѓаат во нови социјални ситуации, бидејќи им се потребни начини на опишување на новата реалност. Јазикот бргу мутира и кога мала група говорители се изолирани во тек на подолг временски период, а никој не може да биде социјално поизолиран од вселенски колонисти. Конечно, луѓето често намерно го менуваат својот јазик како ознака на посебност - „ние“ наспрема „тие“, оние кои се отиснале на далечно патување без можност за враќање, и оние кои останале, „таму долу“.
Во неодамна објавена статија под наслов „Развој на јазикот во тек на меѓуѕвездено патување“, лингвистите Ендрју МекКензи и Џефри Пунски ја следат логиката на тоа како јазикот на нашата планета се менувал во последниве два века, и во смисла на граматичка структура и на изговор во рамки на еден ист јазик и неа ја применуваат во проекција на можните промени на јазикот во тек на вселенските патувања. Како што се менувал светот околу нив, така луѓето историски исфрлувале од употреба одреден број зборови и ги заменувале со нови. Истото ќе се случи и со колонистите - и ним ќе им требаат нови зборови за да опишат радикално нов свет. Во меѓувреме, зборовите кои ги користиме на Земјата ќе атрофираат и ќе исчезнат. Каква корист би имале луѓе кои патуваат во вселенско летало од зборови како река, зима, лето, тигар, тунел? Можеби ќе ги сретнат во книги и приказни во врска со Земјата, но ова ќе бидат реликти со архаичен призвук.
Како што ќе се менува јазикот, така ќе се менува и уметноста. Што би му значел начинот на кој паѓа светлината во сликите на Вермер на некој заглавен во лимена конзерва? Поезија со ономатопеи од природата што веќе не можат никаде да се слушнат?
Сето ова дополнително се усложнува доколу се земе предвид дека како што јазикот на колонистите ќе се менува, и оној на Земјаните нема да стои во место. А што ако колонистите заминат во неколку бранови, да речеме на вселенски бродови кои би тргнале со разлика од десет години? Секој од јазиците на овие бродови би еволуирал одделно, така што и „колонистите“ кога еднаш би пристигнале на истото место не би можеле меѓусебно да се разберат.
Чарето за ова би можело да биде обука на идните астронаути, така за тие да бидат свесни за потенцијалните јазички промени и да се обидат да ги минимизираат недоразбирањата. Но можеби во идното образование на колонизираните генерации ќе треба да се воведе нешто како „земски“ јазик, онака како што денес изучуваме латински или старогрчки, што би ја стандардизирало комуникацијата. Секако, доколку овие нови луѓе воопшто бидат расположени и мотивирани да комуницираат со назадните нас.