„Не сакам мјузикли, ама си се изнаплакав“, „лелее како го гледаше у таа сцената на крај“, „што ти се вика живот, никад не знаеш што би било кога би било“ во левиот агол. „Најголема маркетинг измама на 21 век“, „поразочаран од филм одамна не сум бил“ и „музика која не би поминала ни на Макфест“ во спротивниот.
Каква федерализација, каков Ливерпул-Манчестер, каков црн наспроти бел еурокерм, ова е прашањето кое нè легитимира деновиве, и нè става или во купот романтични лигуш(к)и кои веруваат дека Гослинг по само три месеци стварно научил онака да свири на пијано, или во „сериозните“ филмски познавачи, кои не даваат да бидат заведени од некоја-си-таму со очи ко жаба, која не ни пее туку цимоли. Гледале ли бе они некогаш вистински мјузикл? Зошто во филм за џез нема црнци? Кај им се очите на тие што даваат Златен глобус? Еее, „Кабаре“ филмиште беше, не ги прават веќе такви.
И после сè, што ако филмот ти е стварно - „онака“? Не паѓаш во несвест, ама не ти било ни досадно. Музиката не те погодила, ама си се заинтересирал при крајот. Е, не може. Како и во политиката, сообраќајот и сексот, и во естетските преференци мора човек да заземе страна. Ако не, има органи што ќе ја заземат за него. Како во овој скеч на Saturday Night Live, кој одлично го сумира горекажаното.
А „Усни на усни“ ви се свиѓаше? Или...„онака“?