Постапокалиптичниот хорор-трилер „Кутија за птици“ (види претходно под „Од новиот филм со Сандра Булок болат очи“) е првиот блокбастер во новата година. Во текот на првата недела на Нетфликс него го погледнале над 26 милиони луѓе, што е рекорд за стриминг сервис. И тоа што овој жанр постигнува вакви бројки не е необично - „Тивко место“ лани бeше еден од најпрофитните, а е исто така хорор.
Филмови како овие имаат една единствена цел: да ги исплашат своите гледачи. А зошто некој би сакал да помине два часа во постојан страв?
Нови истражувања покажуваат дека сме еволутивно наштелувани да сакаме ваков материјал. Истражувачки тим раководен од Матијас Класен од Универзитетот во Аархус, Данска, тврди дека хорор филмовите, романите и видео игрите (а кога нив ги немало бајките и страшните митови и легенди) потпаѓаат под категоријата „доброќуден мазохизам“.
Според Класен, луѓето еволуирале така за да црпат задоволство во ситуации кои ни овозможуваат да искусуваме негативни емоции во безбеден контекст. Ова особено важи за децата, чии игри, како на пример жмурки, се подготовка за интеракција на предатор и плен. Оваа симулација му дава на детето суштинска информација за тоа како да се скрие односно спаси од напад, но истовремено е забавна затоа што тоа му овозможува безбедно искуство на потенцијално катастрофично сценарио. Децата од тоа црпат задоволство, а задоволството е начин на кој еволуцијата нè мотивира да практикуваме одредено адаптивно однесување.
Сето ова Класен го објаснува во ова ТЕДх видео, како и во својата книга „Зошто хоророт заведува“ (Why Horror Seduces). Moжеби ова ќе ги мотивира оние кои ги одбегнуваат хорорите сепак да им дадат шанса, од чисто терапевтско-превентивни причини.