Носталгија во време на корона

Kaко се вика кога ти недостасува неодамнешното минато?

Терминот „носталгија“ во дигиталниот речник на македонскиот јазик е дефиниран како „копнеж по минатото, по неповратното“. Она што психолошки ни се случува во моментов е блиску, но не и сосема исто со опишаното.

Кратко време по првите препораки за седење дома и забраните за движење, по социјалните мрежи почнаа да се постираат слики од детство, младост, журки, концерти, дружби и весели моменти. Соочувањето со себе во тишина и осама, или опкружени само од најблиските, многумина фрли во сентименталност каква инаку ретко искажувале, барем не јавно. Спомени на починати родители, на некогашни љубови, на згаснати пријателства. Нешта кои можеле да бидат, а не биле. Работи кои можеби никогаш повеќе нема да се случат. 

Засега нема добар збор за оваа носталгија предизвикана од пандемијата, за нешта кои пред само неколку недели изгледале небитно, и кои не датираат од некакво далечно минато. Некои од тие нешта (на пример, македонска салата со лута пиперка и задушено ребро во фурна во омилената кафана) можеби пак ќе ги има, и по нив не се жали како кон „неповратни“ во смисла на стандардната дефиниција на носталгија. Па сепак, со меланхолија се сеќаваме на деновите кога да седнеш со пријателите на пиво беше сосема нормално.

Можеби сè се случи пребрзо за да ја „свариме“ новата ситуација и да изградиме механизми на самоодбрана од ваквата сентименталност. Додуша, историски и жртвите на онаа, „вистинската“ носталгија не биле баш подготвени за нејзиниот удар. Оригинално тоа било медицинска дијагноза, воспоставена во 1688 од Јоханес Хофер, 19-годишен швајцарски доктор. Тој ја дефинирал многу тесно, како тага кон напуштената татковина, која може да доведе до тешки физички симптоми. Денес тоа е поширок термин, кој сепак може да го вклучи и ова ново чувство, иако станува збор за неодамнешно минато. Ова се докажува со студии кои покажуваат дека дури 4 и 5-годишни деца ја разбираат идејата да ти недостасува нешто од нивното (кратко) минато.

Според психолозите неочекуваните животни промени можат да доведат до напади на носталгија, затоа што една од основните функции на оваа емоција е да помогне во создавање кохерентни ментални наративи за нашите животи - дури и кога, или особено кога светот околу нас рапидно се менува и немаме контрола врз тоа. Ако немаме увид и контрола во иднината, барем знаеме што ни се случувало во минатото. Истовремено, така полесно се поднесува осаменоста и реалноста на можната смрт - затоа што носталгијата го поттикнува верувањето дека животот има(л) смисла, потсетувајќи на моментите кога тоа за нас било вистина.

извор

1 април 2020 - 21:50