Во рубрикава со години укажуваме на значењето на некрологот како жанр, особено на оној кој е напишан како мало книжевно дело, во кој главниот лик (за кој однапред знаеме дека е мртов), без оглед дали станува збор за нам позната или сосема непозната личност, одеднаш ни станува поблизок, а загубата на еден човек помалку на планетава, појасна.
Дека некрологот е значајна медиумска категорија во моментов станува особено јасно во средини со многу поголем број жртви од нашата, но и онаму каде од КОВИД почнаа да умираат и славни личности. Пандемијата го укинува старото и неславно правило дека за некои од нив може да се извади горе-долу подготвен текст од фиока/фолдер (кој знае колку долго го чуваат оној за Кит Ричардс) и да се прилагоди на ситуацијата. Затоа што „ситуацијата“ е непредлива и не се знае на кого ќе удри.
Но некролозите сега имаат шанса да понудат момент на поврзаност со реалноста среде купиштата апстрактни наслови и информации. Да се поттикне тагата по една единствена смрт, во момент кога бројот 1 изгледа безначаен. Токму ова се обидуваат да го прават уредниците на ваквите рубрики во поголемите медиуми. Адам Бернштајн, уредникот за некролози во Вашинтгон пост кој ова го прави дваесет години, вели дека тие се соочени со „поплава на смрт“, а цифрата од 50.000 смртни случаи не е таква преку која можеш да допреш до срцата на луѓето. Нуспојава е и тоа дека читателите главно се фокусираат на смртни случаи од коронавирус, а на маргините остануваат оние предизвикани од други причини. Она „правилото“ на претходна подготовка на некролог за славна личност и сега важи, доколку се слушне дека таа е заболена. Тогаш почнува бизарна и бескрајна игра на руски (новинарски) рулет.
Во интервју за Слејт, Вилијам Мекдоналд, уредник на рубриката за некролози на Њујорк Тајмс од 2006, исто така вели дека не бил воопшто подготвен за оваа ситуација. Неговиот медиум одлучил да отвори посебна категорија „Оние кои ги загубивме“ (Those We've Lost) која за жал се обновува со голема брзина. Сега тој и неговиот тим се ставени пред задача која е слична на медицинската тријажа, но наместо да треба да одлучат кому да му помогнат, одлуката е за тоа чиј живот ќе го обележат.
Спомнатото интервју е правено на ден кога има 4,500 смртни случаи. На прашањето како одлучиле кого ќе испочитуваат тој ден, уредникот одговара дека освен некролозите за „славните“ кои се прават по дефиниција, одбрале животни приказни на возачи на автобус, доктори и професори кои инаку не би биле застапени на страниците на Њујорк тајмс. Додуша, нивните некролози се далеку од детални, па останува чувството дека го гледаме само „врвот на ледениот брег“.
Некролозите можат да вршат и значајна политичка функција. Во 1989, на пример, кога големите весници се уште одбивале да ја наведуваат сидата како причина за смрт, Беј ериа рипортер објавил рубрика на 8 страници под наслов „Смрт од сида“, која вклучувала список на сите оние кои умреле како последица на оваа болест претходната година. Слично функционираат и некролозите на оние кои починале од дрога, што дава можност за јавна дебата за зависностите.
Од психолошка гледна точка, некролозите како жанр кој раскажува приказна за поединец се важни поради таканареченото „психичко затапување“. Имено, како што бројот на смртните случаи се зголемува, така нашата реакција се намалува, отапува, слично како и во војна, кога човек за да си го заштити психичкото здравје мора да се дистанцира од она што се случува околу него. Само што сега дистанцирањето треба да биде од сувите статистики, кои ја засенуваат хуманоста. Точно она што некрологот го става во прв план, и така барем за момент да нè направи поемпатични.
Види претходно: Тајниот јазик на некролозите