За љубопитните, весникот има 1,700 скици за вакви текстови, а вообичаено почнува да ги прави кога некој од славните ќе наполни 80, кога зачестуваат вести дека влегол и излегол од болница, или кога има јавен проблем со дрога и алкохол.
Нов документарец под наслов „Обит" (скратено од Обичуари - некролог), режиран од Ванеса Гулд, кој се прикажува оваа недела на фестивалот Трибека, ја раскажува приказната за редакцијата на Њујорк тајмс одговорна токму за некролозите. Слично на претходен документарец „Прва страница", која се фокусираше на информативниот деск на весникот, „Обит" се обидува да ги прикаже секојдневните, професионални но и многу човечки предизвици, со кои се соочуваат новинарите кои ги пишуваат последните поздрави.
Режисерката Гулд се заинтересирала за темата откако починал нејзиниот пријател Ерик Жоисел, француски скулптор, познат по неговите оригами, кој бил главна тема на нејзиниот претходен филм. Тогаш ветеранката во пишување некролози во Њујорк Тајмс, Маргалит Фокс, ѝ се обратила за информации за неговиот живот.
„Тоа ме натера да размислувам што работат во овој весник и зошто би се одлучиле да доделат значајно парче простор во весникот на некој непознат француски уметник", изјавила таа.
Генералното правило на весникот е дека ако она што си го правел било вест во текот на животот, тогаш и твојата смрт ќе биде исто така вест. Најочигледни примери се глумци, спортисти, политичари. Но во оваа рубрика нашле место и помалку познати личности. Се случува нечија смрт да ги начека потполно несрепмни, како онаа на Дејвид Боуви или Филип Сејмур Хофман, кој починал во недела, кога одговорниот во редакцијата за тој ден правел забава. Веднаш ја напуштил журката и се фатил да ја анализира кариерата на Хофман, а весникот испратил репортер на местото кадешто било пронајдено неговото тело.
Според новинарите во оваа рубрика, таа станува последното место во американското новинарство кадешто нечии достигнувања навистина можат да бидат согледани во нивната вистинска перспектива. За жал, дури по смртта на оние за кои се пишува текстот.