Како малите цицачи го смалуваат мозокот за да го преживеат студот?

Физиолошката приспособливост на организмите е исклучителен феномен. За да преживеат студ и намалени ресурси на храна во текот на зимата, некои од нив заштедуваат енергија со тоа што го намалуваат волуменот на мозокот, черепот и други органи дури и до 30%!

Меѓународен тим научници, со учество на Автономниот универзитет во Барселона (UAB), објави истражување што ги објаснува еволутивните корени на таканаречениот Денелов феномен – ретка сезонска адаптација кај мали цицачи, која им овозможува привремено да го намалат, а потоа повторно да го обноват волуменот и функцијата на мозокот. Студијата е објавена во списанието Molecular Biology and Evolution.

Како функционира Денеловиот феномен? Тој претставува екстремен пример на биолошка пластичност, при што одредени цицачи го намалуваат и регенерираат мозокот во зависност од годишното време. Кај видови како обичната ровчица (личи на глувче ама не е), во текот на зимата мозокот, черепот и други органи може да се намалат и до 30%. Ова им овозможува значителна заштеда на енергија во услови на силен студ и ограничена достапност на храна.

Со доаѓањето на пролетта, ткивата повторно се обновуваат, што го прави овој феномен исклучителен пример за физиолошка приспособливост. Истражувањата покажуваат дека оваа стратегија не е ограничена само на ровчиците: и европските кртови и некои мустелиди (како ласиците) покажуваат сезонско намалување на мозокот. Со тоа, овој механизам се проширува како еволутивна стратегија и кај други цицачи со висок метаболизам.

Истражувачите идентификувале гени поврзани со неколку основни процеси. Тие вклучуваат регулирање на енергетската рамнотежа и калциумската сигнализација, неопходни за приспособување на метаболизмот во екстремни услови; зачувување на интегритетот на крвно-мозочната бариера, која контролира кои молекули влегуваат во мозокот за време на сезонските промени; како и регулирање на водата, што овозможува реверзибилно намалување на волуменот на мозокот без уништување на мозочните клетки.

Пластичноста што ја покажува Денеловиот феномен има директно влијание врз преживувањето, размножувањето и отпорноста на овие животни на климатските промени. Иако станува збор за нечовечки видови, разбирањето на механизмите што овозможуваат привремено намалување на мозокот без трајно оштетување може да биде инспирација за нови истражувања во неврологијата и метаболизмот.

извор

16 јануари 2026 - 09:44