Како мачката да стекне хигиенски навики - прирачник од џезерот Чарлс Мингус

Американскиот виртуозен контрабасист, композитор и пијанист, бил познат по својот избувлив темперамент. Некој мрчатор еднаш толку го изнервирал што без размислување од него го треснал својот бас од 20.000 долари. Друг пат, кога пијанистот што го придружувал постојано грешел, Мингус СО ГОЛИ РАЦЕ ги истргнал жиците од пијаното. Е, ама кога биле во прашање мачки, човекот имал зен трпение.

Џезерот Чарлс Мингус имал к'не табиет но и помалку позната, а помека страна. На официјалниот сајт на музичарот е качена копија од брошурата „Програма за стекнување хигиенски навики за мачки“, прекрасен водич за љубителите и сопственици на овие животни од целиот свет.

Текстот е краток и за секој што чувал мачка малку „научна фантастика“, но да видиме. Трикот според Мингус е кутијата за вршење нужда на мачето да се стави врз ВЦ шољата, а потоа да се исече дупка во центарот. На почетокот може да изгледа необично, но како што тврди тој, за три недели мачката ќе се навикне и нема да мора да чистите позади неа. Уште повеќе - ако е доволно интелигентна (а мачките обично се) може да научи и да пушта вода! 

Почетокот е најтежок и еве што вели за таа фаза Мингус:

„Најпрвин треба да ја навикнете мачката да користи домашно изработена картонска кутија. На дното ставете дополнителен картон за да биде рамна и силна, а и за дното да не падне по првите користења, кога ќе впие од течноста. Внатре ставајте само искинати весници, не песок за мачки. Целосно престанете да користите песок, затоа што во следната фаза тој би паѓал во шољата. 

Откако мачката ќе се навикне да ја користи кутијата, почнете да ја движите низ просторијата, кон кујната. Ако кутијата е во аголот, помрднувајте ја кон шољата, но не нагло. Мачката ќе си ја бара кутијата. Ја наоѓа по мирисот. 

Сега, кога веќе стигнавме до шољата, направете рез на сите ќошиња на кутијата. Можете и да врзете со јаженце за да не паѓа. Направете дупка во средината и продолжете уште некое време да ставате искинати весници. Не ја брзајте мачката, затоа што може да се уплаши. Оставате ја да се навикне, барем недела или две. Во меѓувреме ставајте помалку весници во кутијата“.

Целиот тренинг завршува со тоа што „кутијата“ станува само обична картонска рамна плоча со дупка, а подоцна дури и таа може да се тргне бидејќи мачките се како акробати - и самите одржуваат одлична рамнотежа. „Не се изненадувајте ако слушнете пуштање вода среде ноќ. Мачките можат да го научат ова, поттикнати од својот инстинкт да ги кријат нештата. Чувајте си ја и тоалет хартијата, така за да не може да биде одвиткана - ако мачката ве гледа дека ја користите може и таа ќе го посака истото“, вели Мингус. 

Неговата мачка се викала „Најтлајф“ (Ноќен живот) и таа очигледно се навикнала на ваквата ВЦ рутина. „Со среќа“ - завршува текстот. 

22 ноември 2024 - 10:06