Како Луј Армстронг ја преживеал епидемијата на грип од 1918

Во животот се изнагледал трагедии, па сепак успеал да ја направи најоптимистичната песна на светот, What a Wonderful World. Епидемијата која ја доживеал како 17-годишник на некој чуден начин не го закачила.

Роден во сиромашно семејство во Њу Орлеанс во 1901, растен во тек на најбруталниот период на сегрегација на американскиот југ, Луј Армстронг се отпишал од школо на 11-годишна возраст. Најпрвин живеел со својата баба, а потоа со мајката и сестрата, во куќа која била толку мала што тројцата морале да спијат во ист кревет. Ја преживеал Првата светска војна, епидемијата на шпански грип, Големата депресија, Втората светска војна, Студената војна, турбилентните 1960-ти и Виетнам.

Поприлично историја како за еден животен век. Но Армстронг низ сето тоа поминал со трубата во рака, иако имало периоди кога морал толку многу да свири за да си ги покрие долговите што устата му била целата во рани. На крај, кога мафијата дошла по него, морал да емигрира во Европа.

Во својот мемоар од 1954, под наслов „Сачмо: мојот живот во Њу Орлеанс“, тој меѓу другото го опишува искуството со спомнатиот грип. Во ракописот кој се чува во Музејот на Луј Армстронг (а кој патем се наоѓа на плоштадот Корона во Њујорк), Луј пишува за епидемијата од перспектива на 17-годишен музичар со одлично здравје, кој изгледа дека бил отпорен на болеста.

Оттаму, таа очигледно не му направила голем впечаток, штом ѝ посветува само два пасуса. Сепак, фактот што властите во Њу Орлеанс веднаш по првите знаци ги затвориле сите театри, кино и концертни сали и забраниле јавни собирања, па дури и свадби и погреби, за музичарите кои заработувале од свирење по клубови и речни бродови бил сериозен удар.

„Сите беа заразени“, пишува Армстронг, „освен мене. Тоа беше затоа што земав лекарства. Не поминуваше недела без да ги земам, и тоа ме поштеди од болеста.“

Иако не се знае какви се тие лекарства, тие дефинитивно го спасиле од зараза, со оглед на тоа што наместо да свири труба тој почнал да се грижи за болните околу него.

„Само што се слушна дека властите ќе дозволат повторно групирање на луѓе, и дека ние ќе можеме пак да свириме, обрачот се стегна уште посилно. Тоа ме натера да прифатам каква и да е работа. Со оглед на тоа што сите беа болни, морав да изигрувам доктор на сите во моето семејство, на пријателите во маалото. Можам да кажам дека завршив добра работа.“

Наскоро тој сепак добил шанса да свири, во бар кој одбегнал затворање бидејќи бил обична „дупка“. Таму настапувал пред „евтини проститутки и матни типови“. За среќа на иднината на џезот, сепак преживеал.

Eдна од него, со соодветен наслов во моментов:

извор

20 април 2020 - 12:01