Историјата на книжевните л’жги и местенки е долга и живописна. Последна голема жртва на една таква беше францускиот филозоф Бернар Анри-Леви, кој наседна на лажна биографија на Кант, која ја цитираше како реална (за тоа пишувавме тука). Но речиси во истото време кога се случува претходниот скандал, двајца биографи на еден ист британски поет и популарен ТВ водител влегуваат во конфликт, кој завршува со сличен пренк.
Поетот е сер Џон Бетџеман (1906-1984). а целата приказна почнува кога А. Н. Вилсон, во осврт објавен 2002 во Спектатор, ја опишал тогаш новата биографија на колегата Бивис Хилиер на овој писател како „безнадежна турлитава“:
„Некои критичари би рекле дека е лошо напишана, но бељата е во тоа што таа воопшто не е напишана. Само е натрупана, без правење разлика што може да го интересира читателот а што не...Бивис Хилиер едноставно не е достоен на задачата која си ја доделил“
Се работи за тротомна авторизирана биографија за која на Хилиер му биле потребни цели 25 години, и секако дека не му било по ќеф кога ги прочитал овие зборови. Желбата за одмазда за навредата тлеела, до моментот кога конечно добил и повод - кога Вилсон и самиот напишал биографија на истиот поет.
Е тогаш, под псевдонимот Ив де Харбен, Хилиер му испратил на Вилсон љубовно писмо наводно напишано од Бетџеман до Онор Трејси, авторка на сатирични романи и патеписи, која некое време му била колешка. „Де Харбен“ му пишала на Вилсон дека љубовново писмо го добила од татко ѝ, кој ѝ бил братучед на Трејси.
Со оглед на тоа што претходно немало никакви податоци за ваквата љубовна врска, Вилсон наседнува, и во желба да објави за историско-книжевните кругови ексклузивна приказна („што је баби мило-то јој се снило“, стара британска), во 2006 го вклучува писмото во неговата книга, издадена по повод стогодишнината од раѓањето на поетот. Она што тој не го забележал било дека првите букви од секоја реченица од писмото даваат акростих, односно реченица која гласи: А. Н. Вилсон е гомно.
Откако некој новинар му укажал на ова, Вилсон наводно реагирал со смеа и незаинтересираност за тоа кој ја направил местенката, бидејќи според него целата работа била детска. Но сепак признал дека наседнал, и покрај тоа што до тогаш имал прочитано 50,000 писма поврзани со Бетџеман. Книгата и онака требало да биде препечатена, бидејќи почетните 13000 копии биле потрошени (за второто издание биле планирани уште 30000), па негова утеха било дека барем на овие првиве ќе им скокне цената како „колекционерски примероци“.
Хилиер најпрвин одрекувал каква и да е врска со целата работа, но потоа признал, велејќи дека чашата ја преполнила забелешката на еден весник, кој биографијата на неговиот ривал ја нарекол, „големо дело“. Тоа веќе не се издржувало.