God save the queen
The fascist regime
They made you a moron
A potential H bomb
Во Британија има неколку традиционални елементи поврзани со кралските јубилеји: паради, улични журки и - Секс пистолси.
Кралицата Елизабета Втора и Пистолси нераскинливо се поврзаа откако панк пионерите ја објавија песната „Год сејв д квин“ во 1977, по повод 25-годишнината од нејзиното владеење. Анти-авторитарната химна со ист наслов како и британската национална химна, сега е повторно издадена за платинестиот јубилеј, или 70 години од владеењето. И не дека сега тоа е некоја вест, бидејќи песната е реиздавана и за секој од претходните јубилеи, па „фашистичкиот режим“ и „таа не е човечко суштество“ од стиховите со текот на времето имаат омекнато.
Изгледа омекнале и самите членови на бендот, бидејќи гитаристот Стив Џонс, кој со децении не живее во Британија, за јубилејните прослави кои започнаа во четвртокот и ќе траат четири дена (воени паради, концерти, пикници и сл.) изјавил дека се „забава за туристите“ и дека нема ништо против нив. Пејачот некогаш познат како Џони Скапаниот (Ротен) пак изјавил дека е „навистина, навистина горд на кралицата што опстанала и што ѝ оди толку добро“.
На времето не беа толку великодушни. На 7 јуни 1977, токму додека течеле прославите на јубилејот, тие се обиделе да ја изведат песната од брод на Темза наречен „Кралица Елизабета“ во близина на палатата Вестминстер. Проблемите почнале на самиот брод, а веднаш откако тој се закотвил во пристаништето 11 луѓе, меѓу кои и менаџерот на Стоунси, Малком Мекларен, биле уапсени. И дел од јавноста не била баш задоволна од песната, па членови од бендот уште долго време биле физички напаѓани, во еден случај и со жилети.
Објаснувањето на Ротен на времето било дека песната е напишана за да се обрне внимание на експлоатацијата на работничката класа и неправдите кои кралското семејство ги има правено низ колонијалната историја. Согласувајќи се со анти-монархистичката порака, Вилијам С. Бероуз испратил писмо со честитки до бендот по издавањето на песната. Мал број копии од синглот биле отпечатени за етикетата А&M, и тие се сметаат за највредни плочи кои некогаш биле издадени во Британија.
До денес има муабети за намерното потиснување на песната на топ листите во времето на објавувањето. Таа била забранета на Би-би-си и на радио станиците а големите синџири одбивале да ја продаваат. Сепак, таа се појавила на второто место на официјалната листа на синглови, веднаш по „Не сакам да зборувам за тоа“ на Род Стујарт. Сепак до денес некои тврдат дека ова било наместено, па во некои музички истории таа сепак е опишана како песна што го зазела првото место во Британија во неделата на прославата на сребрениот јубилеј.