Хипотезите за постоење на тип А и Тип Б спротивставени типови на личности е на двајца кардиолози, Мејер Фридман и Реј Розман од 1950-тите. По осум и пол години проучување на здрави мажи, на возраст од 35-59 години, тие откриле дека оние кои манифестирале однесување од типот А двојно си ја зголемувале шансата за срцеви заболувања. Тоа биле покомпетитивни, високо организирани, амбициозни, нестрпливи па дури и агресивни личности, спротивно на оние од типот Б, кои биле помалку невротични и релаксирани. Првите се често „работохолици“, кои самите се притискаат со рокови и мразат одложувања и недоречености. Тие искусуваат повисок стрес поврзан со работното место и помалку задоволство од работата.
Иако сето ова звучи како негативна карактеристика, поединците од типот А сепак имаат подобри оценки во школо и се попродуктивни на работа. Однесувањето од типот А не е опасно, сè додека не се појават три главни симптоми: отворено непријателство кое може да биде поттикнато дури и од ситници; чувство на итност кое ги иритира и оние наоколу (кога некој има „краток фитил“) и потреба да се биде најдобар, крајна амбиција да се доминира во која и да е област.
Ваквото однесување двајцата кардиолози ги прогласиле за потенцијален фактор на ризик за срцеви заболувања и инфаркт. Со тоа создале отпор кај своите колеги, кои не биле подготвени да ги земат предвид психолошките особини на своите пациенти, туку срцевите заболувања ги разгледувале единствено од нивниот физички аспект.
Интересен е начинот на којшто двајцата доктори сфатиле дека има нешто што ги поврзува пациентите со коишто работеле. Човекот когошто го викале да им ги тапацира столиците во ординацијата доаѓал пречесто (еднаш месечно), и иако се разбира немал ништо против да им ги земе парите, не издржал да не коментира, дека има нешто необично во начинот на кој некои од нив се излижани. Оштетени биле само предните делови на седиштата, како некој да седел на нив не метафорично, туку буквално на работ, подготвен секој момент да скокне. Ова научниците го поврзале со типот А однесување многу подоцна, кога веќе ја имале формулирано теоријата. Тапетарот побргу ги сфатил работите од нив.
Понатамошни студии во контекст на овие типови личности се критикувани, бидејќи биле финансирани од тутунската индустрија, која ја искористила за да покаже дека цигарите наводно немаат врска со срцеви и кардиоваскуларни заболувања туку дека „сè е до психа“.