Двајца млади војници се испратени да пренесат итна порака која може да спаси од смрт илјадници луѓе. Но нивната патека води низ опасна „ничија земја“, ровови, бодликава жица, купишта мртви тела и мински стапици. И сето тоа во битка со времето.
„1917“ е епска, но истовремено и интимна приказна инспирирана од раскажувањата на дедо му на Мендез за своите лични искуства од војната. Според спомените на режисерот, тој имал навика постојано да си ги мие рацете. Кога го прашувале зошто го прави тоа, одговарал дека се сеќава на калта од рововите и дека никогаш не може до крај да си ги исчисти рацете, дури и педесет години по војната.
Иако изгледа дека е снимен во еден кадар, продукциските белешки за филмот објаснуваат дека станува збор за „серија продолжени, немонтирани кадри кои би требало суптилно да се поврзани така за да изгледаат и да создаваат чувство на една континуирана сцена“.
Мендез признал дека методот бил „стресен“ и дека речиси секој ден од снимањето се каел зошто се одлучил на овој чекор. Пробите и планирањето траеле шест месеци, што вклучувало и војничка обука за главните актери, за тие да се навикнат на тежината на униформите и на оружјето. Но сето тоа на крај се исплати, затоа што гледачот има чувство како да чекори заедно со војниците, се ориентира во просторот, но е и под притисок на времето кое минува. Слична техника беше употребена за „Човекот-птица“, оскаровецот од 2014, германскиот „Викторија“ (Букбокс осврт за него тука), како и за „Руската арка“ на Сокуров.
Откако доби Златен глобус за режија и најдобар филм, а за Нова година беше прогласен и за витез, Мендез речиси сигурно може да го очекува и Оскарот за најдобар филм. А потоа слободно да продолжи, ако сака, да режира филмови со Џејмс Бонд.
Видео на Синема инсајдер за тоа како се сниман филмот: