Семејството Драгуми е познато во Грција. Стефан Драгумис бил грчки премиер на почетокот на минатиот век, Јон Драгумис бил легендарен револуционер, а и други членови на семејството биле политички и воени водачи. Но нови докази укажуваат на значајна улога на Зое, една од ќерките на Стефан, која починала во 1964, во настани кои имаат врска со спасување на дел од македонските Евреи од холокаустот во текот на Втората светска војна.
Во статија објавена во Times of Israel авторот Бернард Дичек раскажува како дошол до интересни податоци за мистериозното спасување на 28 македонско-еврејски семејства во текот на холокаустот, правејќи документарец на оваа тема. Приказната почнува пред 77 години, кога бугарската војска влегува во домовите на Евреите во тогаш окупираната Македонија и ги собира во магацините на Монополот во Скопје. Како што е познато, во текот на следните денови околу 7000 Евреи биле присилно качени на воз и испратени на нивното последно патување до Треблинка.
Но пред поаѓањето на последниот воз, 28 семејства биле ненадејно ослободени.
Во текот на годините биле понудени повеќе објаснувања за ова. Но според Дичек, вистината е содржана во дневникот на Зое Драгуми, заедно со писма кои таа ги добивала и испраќала во наведениот период.
Во 1913 Зое се заљубила во Хулио Паленсија, шпански дипломат. За разлика од нејзините пет сестри, таа давала отпор на напорите на нејзините родители да ја омажат за атински аристократ. Конечно, на 31 година, што во тоа време било „доцна“, таа го нашла мажот што го барала.
Пo свадбата тие заминале за Костарика, каде Хулио бил назначен за амбасадор на Шпанија. Во следните три децении парот ќе води добар живот на различни, егзотични дипломатски позиции, кои вклучувале осум земји во тек на 30 години. Меѓу нив Кина, Јужна Африка и Мароко. Сепак, нешто недостасувало. Како што ѝ пишала Зое на мајка си (на француски, што бил јазикот на грчката висока класа), иако бракот ѝ бил добар, таа посакувала „Бог конечно да ни испрати детенце“.
Во 1936, се уште без деца, Зое и Хулио биле во Истанбул, кога избувнала шпанската граѓанска војна. Таа длабоко ја поделила Шпанија и резултирала со смрт на над 500.000 луѓе. Уште на почетокот Хулио застанал на страната на националистите на Франко, што довело до негов судир со турската еврејска заедница, особено поради неговиот личен анти-семитизам. Во едно од писмата до шпанскиот министер за надворешни, тој напишал: „Мораме да дејствуваме против оваа збунета толпа со свиткани ’рбети, растресени раце и разроки очи...затоа што Шпанија на Франко е секогаш во право...“
Дејствувањето со кое тој им се заканил на турските Евреи било одземање на нивните шпански пасоши, кои тие ги добиле во 1920-тите. Во текот на тој период, Шпанија, за да ја задржи економската предност пред Отоманското царство кое било во распад, им дала на Евреите со сефардско потекло можност да добијат шпанско државјанство. Шпанската граѓанска војна завршила во 1939 со тоа што Евреите си ги задржале пасошите, а една година подоцна Хулио бил назначен на нова амбасадорска позиција во Бугарија.
Официјално, Бугарија станала сојузник на нацистичка Германија во април 1941, но владините прогони на Евреите биле започнати и претходно. Кога Зое требало да оди до грчката амбасада за да испрати пакети до семејството во Грција, таа минувала преку улица преименувана во булевар Адолф Хитлер, а на знаци по парковите и рестораните пишувало „забрането за Евреи“.
Нејзините движења низ Софија биле внимателно документирани од бугарската тајна служба. Бугарскиот премиер Богдан Филов сметал дека таа е грчка шпионка. Иако не е јасно дали тоа навистина било така, нејзиниот дневник покажува негативни чувства кон Бугарија, со оглед на тоа што таа дозволувала германските војски да поминат низ земјата за да ја освојат Грција. Таа исто така пишува за големата тага поради пронот на Евреите, кои за да не завршат во логор често извршувале и самоубиства.
Сето ова можеби придонело за промена на мислењето кон Евреите на нејзиниот сопруг. Тој во еден момент му испратил телеграма на Франко во која напишал: „Се осмелувам да Ви укажам, Ваше Височество, дека Шпанија е центар на цивилизацијата и на културата, каде се родиле еден Маимонидес, Авероес и Езра од Тудела, и таа не смее да дозволи Евреите само затоа што се Евреи да ги претвори во стока на пат за кланица“. И покрај повторените молби Франко не одговорил на неговите пораки.
На почетокот на 1943 бугарските власти го зголемиле притисокот врз Евреите. Планот бил да се депортираат сите Евреи и од Бугарија и од територијата на тогаш југословенска Македонија и Тракија. Тој почнал да се остварува на 11 март 1943 кога бугарските војници собрале 7000 Евреи од Македонија и 5000 од Тракија. Македонските биле затворени во тутунскиот монопол, близу железничката станица. Оние со шпански пасоши инсистирале да бидат ослободени бидејќи имале националност на земја која била неутрална во војната. Но бугарсктие власти одбиле, со аргумент дека пасошите се безвредни, бидејќи се издадени во Југославија.
* фотографија од Александар Белев (централно) назначен од бугарските власти за решавање на „еврејското прашање“ во Македонија, на скопската железничка станица во 1943 во текот на депортацијата
Кога слушнал за ова Хулио направил замена на овие пасоши со нови, на кои имало печат „издадени во Бугарија“. На тој начин биле спасени 28 семејства составени од 150 мажи-Евреи, со тоа што сопругите и децата биле регистрирани на нивните пасоши. За ова воопшто не ги информирал своите надредени, туку чекал и последниот од овие луѓе да ја напуштат земјата за да ја соопшти веста.
Сепак, ова било сосема мала победа со оглед на плановите на тогашното бугарско раководство да депортира цела заедница од 50.000 Евреи од Бугарија. За да го скрши нивниот дух, премиерот Филов направил „театарско“ судење на Леон и Рафаел Ариe, сопственици на фабрика за сапун и козметика, за наводно пумпање на цени на производите. Тие биле осудени и јавно обесени на плоштадот во Софија.
Зое и Хулио го посетиле семејството за да изразат сочувство. Но отишле и чекор понатаму, посвојувајќи ги двете деца на Леон, Ренато и Клаудија, кои со тоа што биле ставени на пасошот на Хулио веќе не можеле да бидат депортирани.
Бугарската реакција била брза. Хулио и Зое станале непожелни во земјата, и морале да заминат од Бугарија. Но во Шпанија не наишле на поткрепа - Хулио бил суспендиран и никогаш повеќе не добил амбасадорско место. Умрел во 1952 како отпадник. Зое пак, разочарана од земјата на која нејзиниот сопруг толку лојално и служел, направила тој да биде закопан далеку од Шпанија, во семејната гробница на Драгуми во Атина.
Приказната за преживеаните Евреи ја открила архитектката Јасминка Намичева, која во архивот на Скопје дошла до 28 коверти со ознака на националната Банка на Бугарија со еврејски имиња на нив, во кои имало накит и монети. Бугарските војници пред качувањето на возовите од нив ги одземала последните предмети и им кажувала дека тие ќе бидат чувани токму таму. За овие мистериозни коверти пишуваа и нашите медиуми во 2014, со тоа што во изјавите на Намичева се вели дека освен Евреите со шпански биле поштедени и семејства со италијански и албански пасоши.