Најинтересни книги во 2016 бр. 3

„Како да слушаш џез“

Дјук Елингтон во неговата автобиографија „Музиката ми е љубовница“ се пофалил дека е најдобриот слушател на музика на свет. И во ова има нешто - како што за да бидеш добар писател прво треба да научиш да читаш туѓи дела, така и за да создаваш музика треба да ги отвориш ушите. Така таа полесно стигнува и до срцето.

Многумина велат дека сакаат да слушаат џез, иако тоа за нив може да има различно значење. Авторот на оваа книга, Тед Џоја (Ted Gioia), музички критичар кој претходно ја има издадено книгата „Историја на џезот“ и е еден од основачите на џез студиите на Стенфорд, се обидува да најде заеднички именител помеѓу африканските корени на оваа музика, мешавината на музички идиоми, креативните скршнувања во импровизации, па дури и психолошките ефекти кои џезот ги има врз изведувачите и слушателите. Ако се свири како што треба, вели тој, џезот е спонтана форма на музичка магија, која живее „во областа на поетското и чудесното“.

Основниот елемент според Џоја е ритмичката „прегратка“ помеѓу басот и тапаните - сите неверојатни соло изведби на Луј Армстронг или на Чарли Паркер никнат од ваквиот спој. На ова се надоградуваат игри со фразирањето, динамиката и тонот, кои прават слушателот никогаш да не е сигурен што е она што следи. Сепак, џезот е далеку од случаен збир звуци. Тој следи внатрешна логика чија тенденција е „да ја отсликува душата, што е можеби најволшебниот аспект на џезот“.

Кога џезер ќе се отвори на сцената тоа зборува за него повеќе од биографските факти. Така, Мајлс Дејвис бил сметан за груб и агресивен во животот, но неговата музика раскажува нешто друго. Тој едноставно не можел да создаде такви дела ако на најдлабоко ниво немал предиспозиција за нежност и ранливост, смета авторот.

Во книгата се следат и кариерите на Кoлмeн Хокинс, Телониус Монк, Џон Колтрејн и Орнет Колмен, придружени со совети за нивно слушање (кои дела, и на што посебно да се внимава). Притоа, терминологијата е прилагодена и за читателот кој нема никакво музичко образование. На пример советот за слушање на Паркер е многу едноставен, а гласи: „Пејте со музиката“. Така, читателот/слушател станува активен учесник, ко-создавач на музиката.

Па, ако е така, да пробаме

Најинтересна книга во 2016 бр. 2

 

9 декември 2016 - 16:58