Неодамна објавивме линк до статија во која се опишува феноменот на „социјалната адаптабилност“, односно на начинот на кој животните (во случајот, пингвини) ја прилагодуваат својата интонација и начин на комуницирање така за да не се издвојуваат, односно за нивниот глас да биде сличен со оној на другите членови на најблиската група.
Иако смeтаме дека луѓето се креативни суштества, способни за донесување сопствени одлуки, сепак и ние имаме тенденција на копирање и адаптирање на она што го прават другите. Кога сите околу нас се однесуваат еднакво, чувствуваме притисок да се придружиме.
Еден од начините на ширење на културно влијание е преку тн. „мемиња“, термин кој денес се користи за вирални сликички најчесто со хумористична содржина, но коj всушност e измислен од еволутивниот биолог Ричард Докинс во 1976 за опишување на начините на кои идеите, верувањата и однесувањата се реплицираат и се шират низ групи луѓе, наоѓајќи свои човечки „носители“.
Таквото ширење отсекогаш зависело од комуникациските технологии, но модерниот интернет го има забрзано процесот, и го има направено многу поефикасен. Не е ни чудо што „инфлуенсер“, иако како концепт е историски познат, како термин е воведен во речниците на англискиот јазик пред само неколку години.
Да се биде влијаен од други е неодминливо, понекогаш и посакувано. Но исто така е точно дека доколку прекумерно се подадеме на влијанија, се откажуваме од нашата индивидуалност и од способноста за критичко мислење. Да се биде „инфлуенсираниот“ е главно пасивна позиција - влијанијата се примаат еднонасочно, а со ништо не се придонесува за возврат. Од друга страна, да се биде тотално имун на социјално влијание значи да се биде исклучен и од најдоброто што може да го понуди човештвото.
Веројатно најпродуктивниот начин да се размислува за влијанијата е за нив да се зборува не преку примерот на социјалните мрежи, кои го радикализираат односот на оној кој влијае и повлијаениот, туку тоа да се направи преку ставовите на креативните умови низ историјата. Славниот графити уметник Жан-Мишел Баскијат има изјавено: „Треба да сфатиме дека влијанието не е влијание. Тоа е едноставно нечија идеја која минува низ мојот нов ум“. Тој зборува за користење на другите уметници, оние кои влијаеле врз него, како софтвер: пуштање на програмата и проценување на она што ќе се случи, какви нови можности ќе се отворат. Кога велиме „Баскијат бил повлијаен од Ван Гог“ користиме пасив, како Ван Гог да е активниот чинител. Но всушност вистината е обратна.
Нешто слично покажува и Борхес во својот есеј „Кафка и неговите претходници“. Аргументот е игрив и суптилен. Тој почнува со пофалба на уникатноста на Кафка и со тоа дека тој навидум нема очигледни книжевни претходници. Но потоа почнува да анализира врски со претходни писатели, и ги наоѓа: има нешто од Зенон во неуспехот на К. да стигне до замокот и покрај тоа што патува накај него; нешто од религиските параболи на Кјеркегор; нешто од фантастиката на Лорд Дансени итн. Борхес тврди дека без Кафка, ние не би ги забележале врските помеѓу овие мислители - токму тој ни овозможил да ги видиме во нова светлина, и на тој начин ги создал своите претходници. Така стануваме свесни дека нашето искуство како автори секогаш е филтрирано преку писателите кои сме ги читале, но истовремено дека големите уметници се наметнуваат врз своите современици и претходници, а не обратно.
Неколку елементи кои се важни кога го проценуваме начинот и степенот во којшто сме повлијаени оттаму се: препознавањето на фактот дека сите (па и ние) сме резултат на влијанија и дека не постои нешто како „оригиналност“. Да бидеме посвесни за она што и од кого сме „собрале“ по пат, формирајќи на тој начин наше портфолио на влијанија. Тоа портфолио во текот на животот главно се стеснува, но сепак е добро да се остави да „дише“ - да се освежува со нови потенцијални влијанија, кои можеби и нема да останат во досието долго, но ќе ја размрдаат фантазијата и ќе нè поврзат со следниот на список.
Повлијаено од следнава статија