Кога малата „стаклена“ жаба почнува да дреме, нејзиното тело станува транспарентно - речиси невидливо. Кожата е проѕирна, а дури и црвената крв исчезнува од нејзините вени. Ова е необичен трик, кој ѝ овозможува да одмара на раат, без да се секира дека некој ќе ја забележи и нападне додека не е на штрек.
Транспаретноста е ретка и тешка за постигнување, затоа што нашите ткива се полни со нешта кои аспорбираат и рефлектираат светлина, а тука спаѓаат и црвените крвни клетки. Но кога жабите ноќе ќе почнат со својата активност (бидејќи се ноктурнални суштества), крвта почнува да им тече нормално низ васкуларниот систем, формирајќи видлив светло-црвен лавиринт.
Научниците долго време се прашувале што се случува со сета таа крв во текот на денот. Во нова студија објавена минатата недела во Science, се наведува дека стаклестите жаби, додека спијат, пренасочуваат најголем дел од своите црвени крвни клетки кон црниот дроб, кој тогаш расте за околу 40% од својот обем за да може да ги собере дополнителните клетки. Исто како и нивното срце и дигестивните органи, и тој е вгнезден во огледална „вреќичка“ која им помага на жабите да се камуфлираат.
Проблемот на кој се наишло при лабораториското истражување бил тоа што жабите, додека се будни, под стрес или под анестезија, не се транспарентни. Но со помош на технологија наречена фотоакустична микроскопија, која може да детектира црвени крвни клетки со помош на ласер, успеано е во истражување на жаби додека тие спијат или се под анестезија. Резултатот е дека животните придвижувале шокантни 89% од крвта кон црниот дроб додека дремеле. Како притоа успеаваат да не добијат згрутчување на крвта останува мистерија. Крвта на повеќето други животни коагулира доколку клетките се судрат една со друга, што може да помогне во заздравување на рана, но во полош случај може да затне вена или артерија. Разбирањето на тоа како овие жаби остануваат здрави додека си ги полнат џигерите со црвени крвни клетки може да помогне во превенирањето или третирањето на крвните згрутчувања кај човекот.