Во декември 1931 Черчил само што пристигнал во САД, на турнеја на која требало да одржи дури 40 предавања. Во Њујорк имал закажано вечера со бизнисменот Бернард Барух, и иако не ја знаел неговата точна адреса, сметал дека секој таксист би знаел каде живее еден ваков богаташ.
Но не се покажало баш така - Черчил бил оставен на 5-тата авенија да се снаоѓа сам, и завршил „згазен како боровинка“ кога во него удрил автомобил со 60 километри на час.
Секако, речитиот Винстон не пропуштил да ја овековечи оваа епизода во текст, објавен во Дејли мејл:
Во Англија често минуваме на пат долж кој тече брз сообраќај во обете насоки. Не мислев дека задачата која си ја поставив е тешка или брзоплета. Но навиката ми изготви смртоносен трик. Само што излегов од таксито среде пат, и му реков на возачот да почека, инстинктивно го свртев погледот на лево. Недалеку ги видов жолтите светла на кола која се приближува. Помислив дека е добар момент да се мине патот, претпоставувајќи - сосема неосновано - дека моите единствени опасности доаѓаат од лево.
Тоа е моментот кога во него удрил автомобил, секако од другата насока во која тој не гледал. Бил пренесен со друго такси во болницата Ленокс Хил, каде се претставил како „Винстон Черчил, британски државник“ и добил терапија за силен удар во главата, фрактура на носот, скршени ребра и тежок шок.
„Не сакам веќе да ме боли. Дајте ми хлороформ или нешто“, побарал додека чекал анестезиолог.
По две недели во болницата, морал да замине на Бахамите заради опоравување. Но по шест недели финансискиот товар на сите откажани предавања почнал да се чувствува, и тој морал да отпочне со скратената верзија на турнејата, со 14 предавања.
Она што најмногу му помогнало да издржи бил рецептот издаден од д-р Ото Пикард, истиот оној кој го примил во болницата ноќта по сообраќајката.
„Состојбата на пациентот наложува потреба од користење алкохол особено за време на оброците. Квантитетот е природно недефиниран, но минимумот би требало да биде 250 мл“.
Можеби токму на ова мислел Черчил кога во болницата побарал „хлороформ или нешто“. И истото му било дозволено среде тешка прохибиција во земјата. Некои доктори едноставно добро си ја знаат работата.
Целиот текст од Дејли мејл (јануари 1932) тука