На преминот од 19 во 20 век евтиното месо, производ на американскиот просперитет кој долго време можеле да си го дозволат дури и на најсиромашните имигранти, веќе не бил толку достапен. Трговците со месо ги обвинувале високите цени на житата и недостатокот на стока, месарите ги обвинувале трговците, а речиси сите останати го обвинувале таканаречниот Биф траст, прекар на групата најголеми компании за пакување месо, за конспирација за остварување профит на грбот на потрошувачите и производителите.
Истовремено, Северна Америка ја мачело уште еден проблем. Во 1884 водниот зумбул (water hyacinth) ја воодушевил публиката кога прв пат се појавил во САД на изложба во Њу Орлеанс. Со своите деликатни виолетови цветови и сјајни листови, амазонското растение требало да стане нов тренд во орнаменталното градинарство. Организаторите им делеле бесплатни примероци на сите посетители.
Но, под симпатичниот изглед, зумбулот ја криел својата вистинска природа на штетник. Растението се проширило како вирус најпрвин во Лујзијана а потоа во Флорида. Во следните 20 години тоа ги зазело водите на југот, заканувајќи им се на воспоставените трговски рути. Работниците, надевајќи се дека ќе му го сопрат растот, ги кршеле билките, ги потопувале цветовите во бензин и ги палеле. Но ништо не можело да го уништи.
Единствениот начин да се решат двата проблема одеднаш, според политичарот од Лујзијана, Роберт Ф. Брусард, бил да се започне со одгледување нилски коњи. На 24 март 1910, Брусард застанал пред Комитетот за земјоделие за да ги изложи деталите на својот „Американски нилскокоњски закон“. Тој верувал дека увозот на гладни нилски коњи од Африка би резултирал со нивно стрвно јадење на зумбулот. А кога животните ќе биле доволно дебели, фармерите можеле да ги заколат, со тоа ревитализирајќи ја понудата на евтино месо.
Но месото од нилски коњ можело да биде само почеток. Планот бил месо да се добива од уште 100 видови животни кои не биле карактеристични за САД, како малите антилопи од суб-сахарска Африка. Носорозите можеле да ги населат пустините на југозапад, а тибетанските јакови би се искачувале на врвовите на Карпестите планини. Манџуриските прасиња, пак, би уживале во студените северни држави.
Пред членовите на Конгресот сведочел и харизматичен американски воен скаут, Фредерик Расел Барнам, кој се заложил за одгледувањето нилски коњи бидејќи додека се борел во Африка во втората Бурска војна се утепал од јадење вакво месо, кое според него имало вкус на „мешавина од свинско и говедско“.
Плус, ова не би било прв пат САД да увезува странски животни за храна. Помеѓу 1891 и 1902 земјата внела 1280 ирваси од Русија, чиј број доста бргу се зголемил на 20.000 на територијата на Аљаска. Тогаш веќе поранешниот претседател Рузвелт веднаш го поддржал планот, а и голем дел од медиумите ја пропагирале идејата велејќи дека тоа е единствениот начин „за спас од вегетаријанството“.
Членовите на комитетот поставиле логично прашање - дали е воопшто можно да се припитоми нилски коњ? И второ, дали овие животни јадат водни зумбули?
Предлагачите на законот одговориле со „да“, но тоа било погрешно. Нилските коњи тешко дека би можеле да бидат запрени ако решат да уништуваат огради на семејните фарми. Како едно од најсмртоносните животни во светот, кое убива околу 500 луѓе годишно, нилскиот коњ претставувал екстремна закана доколку побегне. Водните растенија, пак, се многу мала компонента во неговата исхрана - ноќе животните излегуваат од водата и пасат трева. Водниот зумбул и онака е 95% вода и не би ги задоволил прехранбените потреби на толку големо животно. Од друга страна, изметот од нилски коњ би претставувал еколошка закана, исто онолку голема колку и заканата од водните растенија која Брусард се обидувал да ја разреши. Изметот всушност го поттикнува прекумерниот раст на алгите, убивајќи ги домородните растенија и рибите.
И покрај сета ука-бука, членовите на Комитетот не биле убедени дека ова е добра идеја, и неговите членови го отфрлиле предлог-законот. Брусард сакал повторно да го наметне следната година, но наскоро Првата светска војна ги прекратила неговите нилскокоњски амбиции. Починал во 1918, по долга болест. До тогаш, погодени од војната, Американците веќе се навикнале да живеат без луксузи како месо, путер и кафе. Со време, новите технологии овозможиле поголемо производство на месо со помалку ресурси. Така, нилскиот коњ куртулил од тоа да се најде во американски хамбургер.