Генерал Патон, Тарзан и Фелипе Шести: познати личности кои биле и Олимпијци

Списокот вклучува членови на европски кралски семејства, двојникот на Дарт Вејдер и американски генерал од Втората светска војна.

Денес при спомнување на Олимписки спортисти помислуваме на Мајкл Фелпс, Усаин Болт или Симон Бајлс. Но некои од нивните колеги-спортисти, од такви кои (речиси) се квалификувале за Олимпијада, па до освојувачи на златни медали, се попознати во сосема различни области. 

Еден од нив е познатиот педијатар доктор Бенџамин Спок. Две децении пред да стане славен со бестселерот „Здраворазумска грижа за бебиња и деца“ од 1946, младиот Спок студирал историја и книжевност на Јеил. Со оглед на својата висина и долги екстремитети, капетанот на веслачкиот тим на универзитетот го забележал и предложил да се приклучи. 

Така Спок „одвеслал“ до Олимпијадата во 1924, каде како осми член на тимот на Јеил ги претставувал САД и освоил злато за финишот (6 минути 33 секунди). Американците биле за 16 секунди побрз од второпласираните Канаѓани. На чело бил никој друг туку Џејмс Стилмен Рокфелер, внукот на нафтениот барон на Џон Д. Рокфелер. Кога умрел во 2004, 102-годишниот Рокфелер бил најстариот добиник на Олимписко злато во Америка. Спок починал во 1998, на возраст од 94 години. 

Џорџ С. Патон, освен воен генерал бил и модерен пентатлет. На почетокот на 1900-тите, тој бил осреден студент на Вест Поинт кој имал проблеми со повеќе предмети. Но ако не му оделе англискиот или математиката, му оделе воените вежби и спортовите, како мечувањето и полото.

Неколку години по дипломирањето, бил избран да ги претставува САД на игрите од 1912 во Стокхолм, каде бил дел од првиот модерен пентатлон, кој се состоел од пукање, пливање, мечување, јавање и трчање. Завршил петти и тој ден не добил медал, но во следните години ќе добие медали и ордени од различен тип, за неговата служба во текот на Втората светска војна. 

Го знаеме како Тарзан - Џони Вајсмилер го глумел ликот од романот на Едгар Рајс Бароуз во 12 филмови. Неговото атлетско тело меѓу другото се должело на тоа што тренирал пливање уште како дете, а потоа станал и Олимпиец. Роден во Романија, тогаш дел од Австро-Унгарија, и пораснат во Чикаго, Вајсмилер почнал да се бави со пливање како начин да оздрави од полио од која страдал како дете. Го поставил првиот светски рекорд на 17 години и станал првиот човек кој испливал 100 метри за помалку од минута на возраст од 18. Во својата кариера освоил пет олимписки златни медали и воспоставил 67 светски рекорди пред да се пензионира како Крал на џунглата. 

Фелипе Шести денес е и крал на Шпанија и врховен командат на вооружените сили. Но пред да ги преземе овие одговорности, 24-годишниот принц имал двојна задача на летната олимпијада во Барселона од 1992. Го носел знамето на церемонијата на отворањето, а бил и член на тимот кој се натпреварувал во едрење, кој завршил шести. 

Други припадници на кралски семејства кои се натпреварувале на Олимпијада ги вклучуваат Алберт Втори, принцот од Монако (боб); сопругата на Алберт, принцезата Шарлин (пливање); принцот Бира од Сијам, денес Тајланд (едрење), принцезата Хаја бинт ал-Хусеин од Јордан (јавање) и членови на британското кралско семејство.

Името на Боб Андерсон, холивудски кореограф, можеби и не е толку познато. Но тој стои позади дуелите со меч во некои од најпознатите филмови на 20-тиот век, вклучително „Маската на Зоро“ и „Господарот на прстените“, а бил и дублер на Дарт Вејдер во два филма од „Ѕвездени војни“. Ова долго време не било обелоденето во јавноста, но актерот Марк Хамил го замолил Џорџ Лукас да го открие фактот, бидејќи „Боб работеше толку напорно што заслужи признание“. 

22 јули 2024 - 18:40