Во осмата епизода од третата сезона на „Фарго“, под наслов „Кој владее со земјата на одрекувањето“, еден морничав лик по име Варга ја раскажува приказната за Хиро Онода, јапонски војник од Втората светска војна, како пример за ултимативно одрекување на реалноста со која не сакаат да се соочат повеќето ликови во серијата. Според неговата верзија, американските сили во септември 1945 фрлиле флаери над остров во Пацификот на кој бил стациониран Онода, за да ги извести јапонските војници дека војната завршила и дека треба да се предадат.
Ама Онода никако не сакал да се помири со ваквата завршница.
Кога сојузниците се истовариле на спомнатиот остров Лубанг во Филипините, јапонските трупи или самите се предале или биле совладани. Но Онода, тогаш на 22-годишна возраст, кој бил офицер за разузнавање со наредби да го саботира непријателот и никогаш да не се предаде, избегал во ридовите со тројца други војници. Тие живееле од банани, крадена стока и кокосови ореви а повремено се судирале и со локалната полиција. За нив флаерите биле „психолошки трик“, лажна вест на која, ете, решиле да не наседнат.
Групата продолжила да војува со години. Еден од војниците се предал во 1950, друг бил убиен во 1954, но Онода и неговиот последен придружник продолжиле уште 20 години, додека и придружникот не бил убиен од локалната полиција во 1972.
Онода избегал, но приказната за него веќе станала легенда која се пренесувала од човек на човек. Момче, тогаш хипик, по име Норио Сузуки, одлучило да го бара. Листата на нештата што тој всушност би барал била следна: поручникот Онода, панда и Јети. И навистина го нашол првиот, во 1974. Со убаво му објаснил дека војната е завршена, но Онода рекол дека не мисли да се предава, освен ако тоа не му го нареди некој од неговите надредени. Сузуки (кој подоцна починал во лавина барајќи го Јети) исконтактирал со јапонската влада, која го нашла соодветниот офицер. Мајорот Јошими Танигучи во тој момент, речиси 30 години по војната, си водел тивок живот како сопственик на книжарница.
Танигучи заминал за Лубанг и официјално го ослободил Онода од должноста. Три дена подоцна, овој и официјално се предал.
Онода умрел во 2014 на возраст од 91 година. Тој и неговите содружници убиле околу 30 луѓе во текот на трите децении додека нивната војна се уште траела. Бидејќи Лубанг се наоѓа на територија на Филипините, било потребно Онода да добие и помилување од претседателот Фердинанд Маркос. Тоа и било сторено, откако Онода му го предал воениот меч, пушката, неколку рачни гранати, како и ножот кој мајка му му го дала во 1944 за да се убие самиот ако биде заробен.
Онода постигнал огромна популарност по враќањето во Јапонија а имало и иницијатива да се кандидира за политичка функција. Но тој не бил среќен, особено со она што според него претставувало распаѓање на традиционалните јапонски вредности. Заминал од Јапонија за Бразил каде одгледувал стока и формирал јапонска заедница во Мато Гросо до Сул. Подоцна се вратил во Јапонија и организирал образовани кампови за млади. Има објавено биографија: „Нема предавање: мојата 30-годишна војна“.