„Еволутивната база на потрошувачката“ е книга на Гад Саад, објавена во 2007, многу пред тој да стане баран аналитичар и автор на книги за самопомош. Врз основа на Дарвинистички принципи тој се обидува да ги објасни шемите кои „палат“ кај потрошувачите, на многу базично, инстинктивно ниво, имајќи ги предвид адаптивните причини кои стојат во позадината на нашите однесувања, емоции и перцепции. Овие елементи ни влијаат врз тоа кого ќе одбереме како партнер, каква храна јадеме, кои подароци ги нудиме, но истовремено ги акцентира бројните форми на мрачната страна на потрошувачката, како патолошкото коцкање, компулсивното купување, порнографската зависност и нарушувањата во исхраната.
Гаад вчера (29.11.) на мрежата Х, споделувајќи снимка од јадењeто на банана „уметноста“ од 6.2 милиони долари од страна на сопственикот Џастин Сан (купена како што пишувавме за 25 центи на пиљарски штанд) го асоцираше овој чин со теоријата на сигнализирање меѓу животните. Ова главно се однесува на сигналите испратени во контекст на сопствено „рекламирање“ како добар партнер за репродукција. Ваквата тежина на себепромоцијата главно паѓа на машките единки поради две причини: женските инвестираат повеќе во потомството па оттаму бираат мажјаци кои демонстрираат повисок генетски „фитнес“, а машките пак често се меѓусебна конкуренција што доведува до еволуција на сигнали како јаки бои или спомнатото „пување“ (со буквално надувување на телото, така за тоа да изгледа како да има поголем волумен).
Сепак, некои од овие однесувања можат скапо да ги чинат оние кои се впуштаат во нив. Така, напуваното животно, хормонски заслепено од желбата за секс, е полесен плен за предаторите. Истовремено, енергијата и ресурсите потрошени на рекламирањето можат да бидат попродуктивно употребени за гол опстанок (ама па тогаш можеби ќе изостане размножувањето, кое очигледно има предност).
Ова е основата на тн. Принцип на Захави, израелски биолог кој во 1975 објаснил дека ваквото експонирање всушност укажува на чесност од страна на поединецот кој го има тој луксуз да се фали со поголем опаш или со акробатски лет. Тоа е така бидејќи цената на истото е толку висока во еволутивна смисла, што поединците кои не се способни за тоа не ни можат да блефираат односно да лажат. Тоа е како способноста да се купува и конзумира поскапа храна, што сигнализира дека оној што го прави тоа може да си дозволи да се расфрла со ресурси (малку сецкана првокласна пршута наспроти кило евтини замрзнати батаци со сомнително потекло).
Дали е потребно повеќе објаснување како ова се поврзува со бананата?