Изобилство имаме - ама од што?

Нова книга која е веќе прогласена за една од најзначајните во 2025-та, објаснува дека денешните (изобилни) проблеми не се резултат на „злобниците“ од минатото. Просто, обидот за регулирање на нештата на една генерација, која сака да ја земе предвид секоја можна штета на секој можен засегнат, стануваат проблем за следната. Ова особено се однесува на законите наменети да обезбедат владата да ги ограничи своите ингеренции, кои истовремено ги оневозможуваат и оние владини интервенции кои се нужни и позитивни. Во последните неколку децении, нашата способност да ги согледуваме проблемите се изострува, но нашата способност да ги решаваме се намалува - велат авторите.

Секое политичко движење има слика за минатото која ја мотивира неговата визија за иднината. За конзервативците, тоа можеби е замислената приградска област од реклама за кафе од 1950-тите; за либералите, солидарноста од постер од ерата на Њу Дил. За Езра Клајн и Дерек Томпсон, тоа е техно-оптимизмот од изложбата „Футурама“ на Светскиот саем во Њујорк во 1964 година: визија за патнички летови до Месечината, одсолување на водата што ги претвора пустините во обработливо земјиште, хотели на дното на океанот. Во нивната нова книга „Изобилство: како градиме подобра иднина?“, која веќе е прогласена за една од најзначајните на 2025-та, тие се залагаат за нова политика која го отклучува потенцијалот на извонредните технологии кои веќе постојат, како и оние кои допрва треба да бидат измислени. 

Но, таа иднина доцни, а авторите го сметаат либерализмот од крајот на 20 век за виновен за тоа. Тие ја критикуваат и десницата, но оваа книга всушност им се обраќа на нивните сопартијци - либералите, кои според нив наместо изобилие од решенија создале само куп проблеми. 

Историјата на 21 век досега може да се опише како историја на недостаток и недостапност. По долгогодишно одбивање да се изградат доволно домови, Америка сега се соочува со национална криза со домувањето. По години ограничување на имиграцијата, нема доволно работници. И покрај децениите предупредувања за последиците од климатските промени, не е изградена ни приближно потребната инфраструктура за „чиста“ енергија. Амбициозните јавни проекти завршуваат доцна и со надминат буџет – ако воопшто некогаш завршат. 

Напредокот бара соочување со институциите кои не функционираат како што треба. За либералите, тоа значи препознавање кога владата потфрла. За конзервативците, тоа значи препознавање кога владата е потребна. Книгата истражува како можеме да преминеме од либерализам кој не само што штити и зачувува, туку и гради. 

Студиите на случај на Клајн и Томпсон според мнозинството критичари се опишани со јасност, достапност и ригорозност што ја карактеризира нивната новинарска работа во „Њујорк Тајмс“ и „Атлантик“. На пример, тие раскажуваат како Калифорнија почнала да проучува брза железница, чиста алтернатива без застој за автомобили и авиони, пред повеќе од 40 години. Потребна била една деценија за да започне сериозно планирање, уште деценија и половина за да се финансира. 16 години по тоа, таа сè уште не постои. Брзата железница била проголтана од процедури поставени за да се спречи секоја можна штета на секој можен засегнат. Еколошките прегледи потребни само за да се опишат влијанијата на проектот започнале во 2012 година, а тие сè уште не се завршени. Сето тоа време, трошоците продолжуваат да растат.

Тие го припишуваат забавувањето и на научните откритија на административните оптоварувања на истражувачите, кои можат да потрошат до 40% од своето време на администрација на грантови. Во голем број фази и процеси, од режими на планирање кои ја блокираат крајно потребната изградба на станови и соларни фарми, до застарените процеси за пишување федерални регулативи и вработување државни службеници, тие гледаат системи прилагодени на штетите од дејствувањето, а не на неговите придобивки, и убедливо тврдат дека придобивките од реформата се огромни.

Но, што треба да ги замени овие процедурални пречки за напредокот? Тука според дел од критичарите на книгата авторите го избегнуваат најтешкото прашање. Во критикувањето на тромавите и скапи аспекти на статус кво-то, останува неодговорено прашањето – кои трошоци вредат? Авторите ги обвинуваат своите противници за „одбивање на компромис“. Сепак, во скицирањето на иднина во која иновациите се применуваат мудро, технократски и за доброто на сите, тие како да подлегнуваат на истиот порок.

26 јуни 2025 - 10:32