Teковната изложба во галеријата Ренвик во музејот Смитсонијан најпрвин делува прилично пусто. Тук и таму по некое дрво од стакло и нешта што личат на карпести ритчиња.
Но кога на нив ќе се насочи еден од таблетите кои стојат на располагање, или мобилен телефон на кој е инсталирана посебна апликација, изложбата почнува да се полни со живот. Крај стаклените дрвја виртуелната реалност поставува флора од иднината, која се нишка на виртуелно ветерче. Автор на „Повторно пошумување на имагинацијата“ е уметницата од Сиетл, Џини Рафнер, која одлучила да истражи како, во случај на масовно истребување, животот на Земјата би продолжил да еволуира.
Одговорот на авторката е оптимистички - по катастрофа во која од лицето на земјата ќе биде речиси збришан и најголемиот злотвор, човекот, во природата можат да се случат интересни нешта и да се појават до сега непознати растенија. Рафнер има замислено изглед и својства на 18 такви имагинарни растенија. Меѓу нив, на пример, е Musa saponifica, или „меуреста банана“, која може да расте во поранешни џунгли, а се препознава лесно, по звукот на издишување кого го испушта откако ќе земе воздух, низ својот воздушен меур, на тој начин пуфкајќи полен наоколу. Ventus ingenero, или „цветот-ветерница“ (фото горе), во идниот свет на Рафнер може да се користи како извор на енергија. A пак Sandent vinea clayaria - Утринска радост со листови е инспириран од облиците на Пол Кле.
Рафнер самата е активна градинарка, па не ѝ било тешко да развие имагинарна таксономија и приказна зад секоја креација, меѓу кои има и такви со скриена, понекогаш комична порака. Така, Digitalis artherium е растение кое „порано го имало многу на Менхетен“, а чии суви цветови поседуваат халуциногени својства.
Нејзина цел не е изложбата да биде сфатена како „проповедање“ и уште една кампања за климатски промени, туку посакува посетителите да се почувствуваат „надежно и љубопитно“, без оглед какво место би заземале тие во тој иден свет.