Кога сатирата не е смешна

Издавачите кои исчезнаа

Минатиот месец беше објавено дека четворица издавачи од Хонг-Конг, чии книги ја критикуваат кинеската комунистичка елита, исчезнаа. На тројца од нив трагата им се губи во Кина, а на еден во Тајланд.

Сите тие работеле за Sage Communications, издавач и продавач на книги познат по објавувањето на сензационални и скандалозни наслови за приватните животи на кинеските лидери, како на пример мемоарите на поранешната љубовница на кинескиот шеф на разузнавање, кој беше осуден на доживотен затвор ова лето. За генералниот директор на компанијата, Лу Бо, како и за друг вработен последен пат се слушнало кога од Хонг-Конг заминале да ги посетат семејствата во континентална Кина. Исчезнат е и Лин Ронџи, менаџерот на книжарницата Сејџ. Гуи Минхаи, кој инаку живее во Шведска, исчезнал кога заминал на одмор во неговиот стан во Тајланд.

Последниов случај предизвика најмногу внимание бидејќи се толкува како промена на политиката на Пекинг, кој досега ги бркаше критичарите од „дијаспората" само во рамки на Кина. Минатата година кинескиот претседател Кси Џинпинг ја започнал операцијата „Лов на лисици" за репатријација на кинески дисиденти и од тогаш има вратено стотици луѓе во земјата, кои избегале главно заради обвинувања за корупција.

Исчезнувањето на Гуи (на сликата десно) се толкува како резултат на соработка помеѓу Кина и тајландската хунта, која наводно во последнава година има депортирано повеќе од 100 луѓе гонети од кинеските власти. Иако постојат видео снимки од осомничените за киднапирањето, како и барање од владата на Шведска за помош во неговото пронаоѓање, тајландските власти засега не изгледаат заинтересирани за случајот.

Книгите кои се најверојатна причина за исчезнувањата се евтино изработени, таблоидни политички наслови, кои ги преплавуваат хонгконшките книжарници, но се забранети во Кина. Се работи главно за измислени приказни со сексуална содржина кои се однесуваат на поранешни или сегашни кинески функционери, кои се читаат како „љубовни романчиња", но со јасна политичка острица. До сега, во последниве 9 години, се објавени 200 вакви наслови. Исчезнувањата на споменатите четворица се смета дека ќе покрене бран автоцензура и кај оние издавачи кои досега се чувствувале безбедно во поранешната британска колонија.

8 декември 2015 - 10:50