Стандардната приказна е дека животот во некое и не така далечно минато бил поедноставен, поспокоен, по..човечки. Нова книга на Ана Катарина Шафнер, под наслов „Умор: историја", објавена јуни 2016, покажува дека менталната и физичка истоштеност отсекогаш била наш придружник, а не модерен синдром. Тој недостаток на животен елан историски е дефиниран различно - како телесно заболување, психичко растројство, духовен и морален пад. Денес главно се толкува како резултат на тн. „генератори на умор" - новите технологии, кои нè прават постојано достапни и ни ја бришат границата помеѓу работата и одморот.
Но и претходни епохи се претставувале себеси како „најуморни" во историјата. Во средниот век извор на ваквиот умор бил acedia, буквално „состојба на баш-ми-е-гајле", рамнодушност и флегматичност. Црквата ја толкувала како последица на слаба духовност и демонски искушенија. Нејзините симптоми, гледање во празно, умствена збунетост, поспаност, многу личат на денешното толкување на синдромот на „прегореност" (burn-out).
Во 19 век пак, американскиот лекар Џорџ М. Бирд ја измислил дијагнозата „неврастенија", лабаво дефинирана нервна истоштеност, за која сметал дека е болест на цивилизацијата, поттикната од „парната машина, периодичниот печат, телеграфот, науките и МЕНТАЛНАТА АКТИВНОСТ НА ЖЕНИТЕ" (наш капс-лок). Модерната околина, особено онаа урбаната, била премногу стимулирачка, па сетилата постојано биле напаѓани од врева, слики и информации. Звучи познато, нели?
Ова се само неколку од многуте примери на историски развивани теории за уморот. Тоа што луѓето се опседнувале со толкување на губитокот на човечка енергија е израз на вонвременски стравови во врска со смртта, стареењето и опасноста од снеможувањето. Вистината е дека соочени со оваа појава на долги стази сме беспомошни.