Дејвид Сафран, во текст за Гардијан, раскажува за своето шестгодишно искуство како модератор на онлајн компанија за меморијали, со други зборови, за објавување некролози. Тој бил дел од невидлива мрежа на уредници на содржини чија задача била да ги прегледуваат пораките на сочувство или книгата на гости прикачени на објавите. Кога го напуштил работното место проценката му била дека имал прегледано околу 500.000 коментари за неодамна починати.
Неговата одговорност била кон нарачателот на конкретниот некролог, најчесто семејството на починатиот, под кој секако не сакале да видат навредливи содржини. Ретко среќавал насилни или порнографски пораки. Најчесто бришел спам или поправал коректорски грешки, кои најверојатно се должеле на автоматското внесување текст што давало смешни реченици како „Мојата најдлабока симфонија“ наместо sympathy (сочувство), што е назнака дека луѓето не се концентрираат дури ни кога пишуваат за една ваква сериозна работа.
Главната преписка се одвивала во тн. guestbook - дел во кој луѓето можат да остават подолги пораки. Некои од нив завлегувале во оговарање на починатиот и на колегите, откривање тајни или приватни здравствени податоци. Она што му оневозможувало да ја има пошироката слика бил фактот дека на уредниците не им било дозволено да ги читаат самите некролози, бидејќи тоа би им ја намалило продуктивноста. Па така тој често се наоѓал во недоумица - дали авторот на коментарот се обраќа на родител или на брачен другар. И уште поинтересно - дали главната статија е за човек или за милениче?
Најтешко му било да излезе на крај со читање на коментари од членови на семејството кои долго време не се виделе со починатиот, и или го обвинуваат, или пак го изразуваат своето жалење што немало повеќе време за надминување на недоразбирањата. Причината е што и самиот тој тогаш не бил во добри односи со пола фамилија, па замислувал како би изгледало тие да оставаат вакви пораки за него. Ова, како и секојдневното соочување со смртта и тагата го натерале да ја промени професијата. Читањето половина милион коментари под некролози сепак го убедиле во едно нешто: испразниот говор на „ти си ни во мислите и молитвите“ тогаш кога тоа не е искрено, туку е само колку нешто да се каже, станува многу поинтересен кога ќе наидеш на коректорска грешка, која од тој текст конечно прави нешто вредно за раскажување.