„Интероцепција“ е чувството кое го имаме за себе засновано врз тоа како си го перцепираме сопственото тело и она што се случува во него. Голем број метафорични изрази (и во македонскиот) го изразуваат ова „сетило“ кое реагира од внатре на надворешни дразби, како „ми го изеде џигерот“, „ме ежиш“, „ми го скрши срцето“. Ова оди контра рационалистичката претпоставка „Мислам (имам ум), значи постојам“ и вели „Тело сум (имам сетила), значи постојам“.
Како што има рецептори (во мускулите, зглобовите, итн) кои ни овозможуваат да знаеме кај сме во просторот, така постојат и рецептори внатре нашите органи, вклучително и во кожата. Тие испраќаат информации за таа телесна внатрешност до мозокот. Ова помага да се регулираат виталните функции како телесната температура, жедта, варењето и срцевото биење. На пример кога ќе почувствуваме превисок пулс тоа ни е сигнал дека треба малку да одмориме, длабоко да вдишеме, да се смириме. Ако нешто нè чеша, да се почешаме. Ако ни се оди по нужда, да одиме.
Oние со нарушено сетилното процесирање на ваквите дразби имаат навистина голема мака - не можат да знаат кога чувствуваат болка, или дали мочниот меур им е полн. Ова не се однесува само на чисто физички сензации, туку и на психолошки. На пример можеби некој не чувствува страв затоа што неговиот мозок не препознава дека мускулите му се стегнати, дишењето плитко, а дека срцето му бие забрзано. А да немаш страв, тоа некогаш е добро, ама некогаш погубно.
Студии од областа на психологијата покажуваат дека луѓе кои се занимаваат со спорт или со форма на уметност која подразбира понапорна физичка активност (на пример балет), имаат многу повисоко ниво на интероцепција од останатите. Во текст објавен во стручното списание Психофизиологија, под наслов „Си го чувствувам срцебиењето: балетаните имаат повишена интероцептивност“ се наведени резултати од истражување на 20 танчари и 20 не-танчари, за тоа колку точно секој од нив си го перцепира пулсот.
Професионалните танчари не само што имале повисока интероцептивност од нетанчарите, туку и повозрасните од нив имале повисока интероцептивност од помладите, што покажува дека тренингот и искуството можат да играат улога. Истовремено, танчарите имале многу попрецизен осет за течењето на една минута, што значи дека интероцепцијата не се однесува само подобра перцепција на себеси во просторот (каде сум и како се чувствувам во смисла на локација), туку и каде сум и како се чувствувам во смисла на временско позиционирање (сега во однос на пред малку, или денес во споредба со вчера).
Во текст на Би-би-си на слична тема, професорката Сара Гарфанкел од Универзитетот во Сасекс објаснува како можеме да научиме да се „наштелуваме“ согласно ритамот на нашето срце, и оттаму, да бидеме и подобро наштелувани во однос на нашите емоции. Или, буквално да си го слушаме срцето. Видеото може да се погледне тука