Во март најавивме излегување на првата автобиографија на Ал Пачино, во издание на Пингвин Рендом Хаус, како книга на човек „кој веќе не се плаши од ништо и нема што да крие“. Иако звучи атрактивно, кога издавачот ги откупи правата во 2022 за 5 милиони долари, тоа поттикна прашања за вистинската вредност на едно вакво дело, во време кога повеќето ѕвезди со задоволство откриваат детали од својот живот бесплатно на социјалните медиуми.
Па сепак, изгледа дека има некакво задоволство да се читаат приказни, барем од оние актери од постарата генерација кои си ја имаат чувано приватноста во текот на долгите кариери. Тоа го докажува и „Сони Бој“, која веднаш по излегувањето во средината на овој месец се искачи на 9-тото место на бестселер листата на Букселер.
Особено е популарна аудио верзијата, благодарејќи на тоа што ја чита самиот автор со неговиот препознатлив „у-а!“ стил. Тој сепак чита толку бавно што за 300 страници му се потребни 12.5 часа (француската верзија, читана од некој друг, трае само - 2 часа!).
Книгата започнува со детството во Бронкс во текот на 1940-тите, но содржи и интересни интимни детали. На пример, Пачино се уште е прогонуван од стара повреда на - пенисот. Кога имал само 10 години, тој степувал долж влажна ограда кога се сопнал и железна прачка го удрила точно помеѓу нозете. Минувач го однел директно во куќата на тетка му, каде куп женски роднини цело време му стоеле над пенисот во паника. Четири години подоцна повторно од невнимание бил заробен под тенок мраз, но исто така преживеал.
Иако претпоставката е дека уживал во наркотици како и поголемиот дел од холивудската сцена, во книгата тврди дека имало Валиум и малку појаки нешта, но не и хероин или кокаин. Бил внимателен затоа што негови тројца најблиски пријатели од детството умреле од прекуморна доза хероин, а исто така и мајка му, кога имал 22 години.
Една вечер во 1979, по изведба на Ричард Трети, Пачино се вратил во гардеробата и таму ја нашол Жаклин Кенеди со ќерката. Зрачела од убавина и висока класа. Но неговиот гест бил сосема обратен - ѝ ја подал сопствената рака за таа да ја бакне! (во книгата си поставува реторичко прашање - „Кажете ми, што не е во ред со мене?“)
Во 1970-тите се нашол пијан како се обидува да стигне до дома. Една жена му понудила да го однесе. Кога седнал во автомобилот, сфатил дека се движат во погрешна насока. „Те киднапирам“ му рекла, сосема сериозна. „Јас сум од јужен Бронкс“, одговорил. „Кога ќе видам лудак што сака нешто да ми направи, знам како да избегам“ - ја отворил вратата за да се фрли на патот. Потоа таа навистина го однела дома.
Целиот живот имал проблеми со пари - не знаел како да ги троши. Иако добивал релативно добри хонорари за улогите постојано бил во долгови. Првиот од повеќето пати од банкрот го спасила Дајен Китон, која тогаш му била девојка. Освен што му позајмила пари, таа му го обезбедила и сценариото за „Море на љубовта“, трилерот кој му донел добар приход. Најголем пак доживотен приход изгледа ќе има од „Скарфејс“, кој е омилен помеѓу новата хип-хоп генерација. „Рап артистите и нивните фанови го обожаваат филмот. Тие го разбираат и неговата метафора. До денес, тоа е најголемиот филм што го имам направено, а живеам и од парите што ми следуваат од него. Вушност, би можел да живеам, да живеев како нормален човек.“