„Сони бој“ е прв мемоар на Оскаровецот Ал Пачино, чие излегување се планира за октомври. Книгата, на издавачот Пингвин Рендом Хаус, е „автобиографија на човек кој веќе не се плаши од ништо и нема што да крие“. Во неа се опишани сите големи улоги, важни соработки и значајни врски, како и понекогаш проблематичната спрега меѓу креативноста и комерцијалноста на највисоки нивоа.
Приказната почнува со детството на 83-годишниот актер, воспитувањето од неговата „сурово грижлива но ментално нестабилна мајка и нејзините родители“, неговата „банда“ млади пријатели во јужен Бронкс, како и времето поминато на познатото њујоршко средно училиште за изведувачки уметности. Потоа се следи неговата работа на њујоршката авангардна театарска сцена во 1960-тите и 1970-тите, пред филмскиот пробив во „Паника во паркот на иглите“, „Кум“ и „Кум 2“, како и „Серпико“ и „Кучешко попладне“.
„Ја напишав Сони бој за да го изразам она што сум го видел и доживеал. Целиот процес беше неверојатно интимен, можноста да се осврнам на она што ми го овозможи актерството и световите кои тоа ги отвори“, вели тој.
За книгата прв пат се слушна на Франкфуртскиот саем во 2022. Пингвин рендом хаус ги откупи правата за наводни 5 милиони долари. Тимот кој помогнал во составување на мемоарот е истиот кој учествуваше во пишувањето на „Вил“ - мемоарот на Вил Смит од 2021, чиј ко-автор е Марк Менсон, авторот на „Суптилната уметност на тоа ич да не ти чуе“.
Иако ова е прва автобиографија на Пачино, тоа не е негова прва книга. Во 2006 тој учествуваше во „Ал Пачино: разговор со Лоренс Гробел“, во која беа содржани разговори помеѓу него и новинарот Гробел кои се одвивале во тек на 25 години.