„Кендид камера“ на американските телевизии се прикажувала од 1948 до 2014, во различни формати, но секогаш со истата финта - скриени камери кои снимаат обични луѓе соочени со необични ситуации, кои прават да се чувствуваат непријатно или зачудено. По некое време ним им се открива дека се на скриена камера, а реакциите се различни - од лутина до срам и смеење. Понекогаш жртви на триковите биле и познати личности, меѓу кои дури и поранешниот американски претседател Хари Труман.
За сите тие години на прикажување, до својата смрт во 1999, водител или ко-водител на епизодите бил Ален Фант. Но неговата идеја за скриени камери има интересна историја, со оглед на тоа што тој најпрвин почнал со криење - микрофони.
Во текот на Втората светска војна Фант служел во Army Signal Corps, посебен дел од армијата задолжен за комуникации, и бил стациониран во Оклахома. Негова задача било да прави радио емисии за војската во кампот. Дел од нив биле и интервјуа со војниците, кои требало во студиото да раскажат нешто во врска со нивниот живот - за девојките кои можеби ги чекале дома, за храната во мензата или за што и да е друго што ги мачело. Но имало еден проблем - кога војник ќе седнел пред микрофон, тотално се блокирал и не можел ништо да гукне. Истиот тој војник кој бил подготвуван да биде бестрашен во битка, паничел кога ќе се запалело црвеното светло за снимање. Фант смислил финта: да го сними војникот додека неврзано демек се подготвуваат за интервју. Ова на некој начин било мамење, но сепак ја пуштал снимката само со дозвола на војниците.
По војната, во 1947, овој формат станал асли радио емисија, под името „Добродушен микрофон“ (Candid Microphone). Во програмата биле пуштани тајно снимани разговори, необични ситуации или просто обични, спонтани разговори, нешто што денес е тешко замисливо. Тимот од четворица, меѓу кои и Фант, смислувале секакви сценарија, па дури и почнале да ги снимаат сопствените приватни животи, за да имаат повеќе материјал. Скриени микрофони биле поставувани во ресторани, берберници, но не онакви какви што ги знаеме денес и кои лесно можат да поминат незабележани, туку огромни, како сандаци, тешки по скоро 30 кила.
Сепак, вака снимените разговори ја немале потребната драматургија за возбудлива емисија. Нештата морале малку да се „зачинат“, односно продуцентите или платени актери да се вмешуваат и да ја насочуваат приказната. Со помали скриени микрофони (снимките се со низок квалитет) човек влегувал кај кројач и барал одело направено од кожа од кенгур. Или снимал носач кој требало да транспортира сандак од кој се слушало човечко плачење и стенкање.
Ова во основа бил почеток на „реалното шоу“ какво што денес го знаеме, само во аудио формат. Секако, дури и тогаш имало реакции, на луѓе кои сметале дека ова е неверојатен упад во приватноста и барале шоуто да се забрани. Но тоа не само што не се случило, туку емисијата станала - телевизиска.
Првата епизода од „Кендид камера“ е емитувана пролетта 1949 на Ен-би-си. Критичарите ја исплукале целата идеја, велејќи дека форматот е „садистички, отровен, античовечки“. Но сеирот - тој универзален човеков порив - си го направил своето. А учесниците, колку и да биле изнервирани во прв момент, сепак сакале да се појават на телевизија.
Oвој факт, како и самите видеа, кажуваат многу за човековата психологија. Едно од нив, под наслов „Психологијата на лифтот“, е пример за тоа како човек се обидува да се усогласи со групата, по секоја цена. Во него има само лифт и луѓе со шапки, но и тоа е доволно.
Сепак, најголемата иронија со сите забелешки упатени кон Фант се случила при еден авионски лет, кога грабнувач со нож се заканил на персоналот и им наредил авионот да го насочат кон Куба. Кога патниците забележале дека Фант е во авионот станале уверени дека тоа е само местенка, па на грабнувачот дури и му ракоплескале кога во еден момент се појавил од пилотската кабина за да види што се случува. Дури кога авионот бил приземјен и кубанската војска се втурнала да го апси киднаперот, сфатиле дека ситуацијата е реална. Почнале да го навредуваат Фант, иако тој цело време ги уверувал дека нема никаква врска со настанот. Последниот на излегување рекол - „Н’цки што ќе ти се смеам“.