Името на принципот за којшто ќе стане збор варира - на гулабарник, на фиоки и нам најомиленото, на чекмеџиња. Математичарите најдобро го знаат како принципот на Дирихле, германски математичар од 19 век, особено значаен за теоријата на броеви. Но во случајов тој нè интересира затоа што прв користел еден комбинаторен систем кој може да ни го одговори прашањето од насловот.
Имено, принципот вели дека ако n број на предмети се ставени во m број контејнери (во нашиот случај „чекмеџиња“), доколку n>m, тогаш најмалку еден контејнер би морало да содржи повеќе од еден предмет. Поинаку кажано, ако бројот на елементи го надминува бројот на категории, тогаш во една од категориите сигурно има повеќе од еден елемент.
На пример, ако некој има три ракавици (четвртата ја загубил), тогаш помеѓу нив мора да има најмалку две десни или најмалку две леви - има три предмети а само две категории (лева-десна) во која би можеле да се сместат.
Каква врска има ова со влакната коса?
Со гуглање може да се утврди дека на човечката глава во просек има околу 100-150.000 фоликули, што значи дека дури и најкосматите помеѓу нас не би можеле да имаат повеќе од 500.000. Ова значи дека има 500.001 опција за тоа колку влакна може да има некој - теоретски може да има човек со ниедно, едно влакно, па две итн..., до некој што има 500.000. Значи вкупно 500.001 поединечни случаи.
Е сега, ако Скопје има 700.000 жители, тоа значи дека нема доволно „чекмеџиња“ (можни броења на влакна) за сите скопјани. Оттаму можеме да заклучиме дека во градов постојат најмалку двајца со идентичен број влакна на главата.
Не мора фала.