- Ало, Коле! Абе нешто пишува на англиски. Вирус де-тек-тед. Душман, точка, инф. Цел компјутер се закочи. Што? Бекам дали имаме? Ааа..бекап. (се врти со рака покривајќи ја слушалката од мобилниот: Дечки, бекап имаме?) Т-ц. Нема. Сеа ш'о праиме?
Џабе технологија кога човечките ресурси ти се неспособни. На Митбастерс од обична цепаница дрвен топ направија - нашиве цела виртуелна плантажа цреши испустија, со тоа моторните пили се испосекоа, товар стипса потрошија, и сега, таман се склопи трајл верзијата, вирус фатија. Кога викав во Линукс работете..
- Атомскана бомба вие да ја правевте Нагасаки ќе се спасеше. Ај баталете, со голи раце ако треба ќе се тепаме.
Ти-тиит. Пак СМС: "Денес е ваш ден. Дрште се здраво, браќа! Само во опорита и долготрајна борба јет нашето спасение! Имате 5600 бода, можете да одбере подарок од нашиот клуб на потрошувачи"
А им пишавме во тендерската документација без рекламни пораки. И револуцијата да се искомерцијализирала, бреее. Плус со ова бизнис пакетиве страв да те фати порака да пуштиш, не знаеш до кого сè ќе пристигне. Убаво им предложив потрадиционално да одиме, какви мобилни, какви Фејсбуци. Чиста работа, курири и гулаби. И да ги фатат бар ќе знаеш со прст на кого да покажеш. Вака..
"Гориме од нетрпение и чекаме ноќ". Значи овие од Штабот пак забегале. Вака ли настан се најавуе? Ќе помислат луѓето на журка ги викаме, со Ред бул место малихерки ќе се појават на Мечкин камен. Па и на повеќе јазици ставиле, светот да нè разбере. Арно и на турски не превеле, да знаат дека се спремаме. Многу одговори со "можеби ќе присуствувам", и хаштази #трололо. Ви викам, народов не сфатил. Ќе сменам: "Одвај чекаме да падне ноќта и да го преземеме Крушево, та заедно со сиот народ да го викнеме нашето Македонско УРА!", и линк од Google Earth. Сега ваљда појасно е. Ќе треба, здрави живи, понатаму и еден манифест да срочиме. Мора малку и со теорија да ги потковаме.
Ту ду лист: уште еднаш да се прегледа логистиката. Дали има доволно машини и брзи конекции. Стратегијата да си ја повториме - ја разработувавме со месеци, две недели потрошивме само на тоа како се држат џојстици. Раководителот на обуката, поранешен полковник во британската армија, од нервоза секој ден тон целувки маваше. Не се овие луѓе за војна водење, од лице му се читаше. Битно ракијата го бендиса. И, да, природните убавини.
Пред полноќ почнаа да се собираат. Најпрвин маалските деца, поспретни во рацете, со нив нивните татковци, чичовци и вујковци, од сите вери и народности. Женското лоби, со плетала, во задните редови. На големиот ѕид на чело на интернет кафето директен пренос од акцијата на видео бим. Гајби Битолско, газоза и пелистерка лајт. Неколку новинари и странски посматрачи. Еден залутан јапонски турист. Во моментов на теренот само македонските играчи. Средбата он-лајн со Турците закажана за неколку минути. На виртуелната карта убаво се гледаат Смилево, Клисура, Прибилци. И Крушево, бај најт.
Тишината со кама можеш да ја сечеш. Рацете веќе испотени. Три, два, еден, како Нова година да чекаме. Кај се бе ова Турциве? Сврти во жандармерија, види до кај се. Психолошка војна, речи, да не водите?
"Телефонскиот вод се сервисира".
Сврти му на @Xelo на мобилен.
"Ало, Џељо! Абе кај сте, нели ќе се биевме?"
Вика ги исклучиле. Немале платено за два месеца и фиксен и интернет. Отишле да платат денес, лири не примале. А ради празникот менувачниците порано затвориле.
Тууу, кај баш сега. Беља. Толку народ собран, толку најави. Реков ја уште на Конгресот дека нема да арно да испадне. Нејсе...
"Џељо, а да дојдете на по едно турско? После табла може да свртиме. Биткава за едно десет-дванаест дена да ја презакажеме"
Технологијата отуѓува.
Играјте табла, не War Craft.
Илина Ј. (од книгата „Сонце во тегла“, 2009; апдејтувано согласно технолошкиот напредок)