Eсејот на Уелбек од 1999, „Да се преживее“, е нешто помеѓу констатација и совет упатен особено кон младите писатели и уметници од секаков вид. Неговиот мрачен поглед на светот и судбината на надарениот и умен човек во него не оставаат многу простор за оптимизам. Но таквиот човек, со својот сензибилитет и талент, од друга страна, има и некаква обврска - да ја опише и пренесе вистината.
Вистината е скандалозна. Но без неа ништо нема вредност. Една чесна и наивна визија на светот е самата по себе ремек-дело. Споредено со овој услов, оригиналноста не значи многу. Не се преокупирај со неа. Во секој случај, одредена оригиналност нужно ќе произлезе од збирот на твоите маани. За она што те секира напросто кажи ја вистината - само вистината, ниту повеќе, ниту помалку. Не можеш да ја сакаш истовремено и вистината и светот. Но веќе го имаш направено изборот. Проблемот е да се држиш до него. Те охрабрувам во тоа. Ќе бидеш многу осамен. Повеќето од луѓето се прилагодуваат на животот или умираат. Ти си живо самоубиство.
Овој уметнички манифест го инспирира Иги Поп да учествува во нов 70-минутен филм - „Да се преживее: еден метод“ - во кој тој цитира мисли од спомнатиот есеј, препознавајќи ја во нив и својата борба како (некогашен) млад уметник. Во филмот тој и се среќава со Уелбек, кој пак како тинејџер, кога живеел со баба му во мало гратче во Франција, барал оддишка од светот слушајќи ги Иги и Стуџис. Години подоцна, кога се обидувал да стане писател и живеел сам во соба во која имало само душек и многу алкохол, на ѕидот му висел постер од Иги. Не е ни чудо што спојот на двајцата во филмот дава одличен резултат.
Нив всушност ги споил холандскиот новинар и режисер Ерик Лисхут. Тој пред неколу години го интервјуирал Уелбек за холандската телевизија, и интервјуто го почнал прилично претенциозно, со „Дали стилот е квалитет на уметничката визија?“. Прашањето е всушност од интервју на Марсел Пруст дадено во 1913. Уелбек не го препознал изворот но ја минал ноќта кршејќи глава околу него, па следниот ден на Лисхут му дал девет и пол минутен одговор. Така почнала нивната соработка на нешто што на крај испаднал нивен прв документарец под наслов „Последните зборови“.
Додека го финиширале тој филм на Лисхут му паднало на памет дека токму Иги би можел да напише песна или две за него. Му се јавил на неговиот менаџер, без голема надеж. Но Иги му го возвратил повикот во најлошиот можен момент - кога режисерот едрел со неговиот тригодишен син при силен ветер. Никако не можел да не одговори на телефонот, а разговорот траел 45 минути. „Му реков на син ми, седи и не мрдај да не паднеш во езерото“. На крај во филмот имале не една или две, туку дури седум песни од Иги.
Но првата средба во живо меѓу Уелбек и Иги се случила една година подоцна, во 2009, кога Уелбек дошол на концерт во живо во Радио Франс и застанал во првиот ред. Шизел и како радосно дете реагирал на секое „фак“ на Иги. Потоа двајцата отишле на вечера и конечно си признале колку големо влијание си имаат извршено еден врз друг. Така се родила идејата и за вториот документарец, посветен на сите уметници кои се борат со себе и со светот за да ја создадат нивната уметност. Филмот, според Поп, зборува и за сите оние кои имаат канцелариска работа која ги гуши, а сакаат да направат нешто повеќе од својот живот.
И покрај имиџот на проблематични типови, режисерот вели дека Иги и Уелбек се покажале како крајно професионални соработници. Секогаш биле на време и не правеле никаков проблем. За разлика од нив, соработниците на нов филм на Лисхут „Направено во Европа“, за уметници од различни земји кои културно го спојуваат континентот, биле невозможни. Очаен, Лисхут им рекол: „Можам да работам само со Мишел и Иги. Само тие никогаш не ме изневеруваат“.
Open up and Bleed (Стуџис и Иги, од филмот)
Целиот есеј на Уелбек (на англиски) тука