„Како вика кравата?“. „Мууу“.
Овој стандарден дијалог преку кој децата ги учат специфичните звуци на животните изгледа наскоро ќе треба да претрпи промени. Пак ќе биде „му“, ама со повеќе верзии и понијансирано.
Претходно истражување од 2016 покажало дека мајките и нивните телиња имаат индивидуална вокализација (секоја крава свој „стил“ на мукање), што на мајките им помага да си ги препознаат децата, и обратно. Но Александра Грин, докторантка на Универзитетот во Синдеј, оддел за животна околина, сакала да дознае дали кравите исто така употребуваат различни гласови во други аспекти од нивните животи. Се опремила со филмски микрофон и слушалки и се стационирала на фарма каде животните можат слободно да се движат. И така пет месеци, снимање муабети на холштајн-фризиски крави.
Биле снимени 333 високофрекфентни вокализации од 13 крави, од која ниту една во моментот не била бремена (или како што се вели во новата научна статија објавена во Нејчр, сите „девици“). Биле регистрирани различни ситуации, „позитивни“ (како кога кравите очекувале вкусен оброк), но и кога тие одбивале да јадат, кога биле физички изолирани од другите или кога имале некој здравствен проблем.
Акустичната анализа покажала дека кравите имаат индивидуализирани вокални сигнализирања, преку кои комуницираат, на свој начин, возбуденост, вознемиреност или чувство на пријатност. По некое време Грин почнала и да ги препознава поединичните начини на изразување на кравите. Ова не е зачудувачки со оглед на тоа што тие се социјални животни кои живеат во крда со јасно одредени хиерархии. Бидејќи рано се одделени од мајките, тие исто така рано почнуваат да формираат свој „идентитет“, кој се манифестира и преку нивниот посебен начин на комуникација.