Хорхе Луис Борхес: „Фудбалот е популарен, ама исто и глупоста“

Аргентина, како и голем број други земји е луда по фудбалот, но истовремено и длабоко социјално поделена. Насилството е рутински дел од натпреварите, нешто што Борхес, самиот Аргентинец, го нарекол „ужасна идеја на супермацијата“. Нему му било тешко да ја оддели навивачката култура од самата игра, па еднаш изјавил - секако на ужас на неговите сограѓани - дека фудбалот и глупоста се исти, затоа што обете се популарни.

Можеби денес, доколку го следи Светското првенство, славниот аргентински писател Борхес би го променил мислењето. Но во текот на неговиот живот тој не го сакал фудбалот. Причина: поврзаноста на фудбалската манија со масовната привлечност на фашизмот или догматскиот национализам.

„Национализмот“, напишал тој, „дозволува само афирмации, а која и да е доктрина која отфрла сомнеж или негација, е форма на фанатизам и ступидност“. Националните фудбалски тимови и ѕвезди често стануваат алатки на авторитарните режими кои ја „киднапираат“ врската која фановите ја споделуваат со своите национални претставници за да ја придобијат поддршката од народот. Токму тоа е причината зошто Борхес стравувал од овој спорт. 

Можеби овој негов став имал врска со културниот елитизам. Навистина, тој го романтизирал животот на гаучосите, каубојците од јужно-американските пампаси, но фудбалот не му будел такви асоцијации - за него тој бил провинција на работничката класа. 

Додуша, некои од замерките, барем од денешна гледна точка, му се оправдани. Во есејот Esse Est Percipi („Да се биде, значи да се биде виден“), тој вели дека фудбалот „престанал да биде спорт и влегол во областа на спектаклот“, односно дека презентирањето на спортот го заменил вистинскиот спорт. Ова секако не се однесува само на фудбалот, туку и на масовните медиумски спектакли од каков и да е вид, кои отвораат можности за манипулација на широките маси. 

„Стадионите одамна се распаѓаат. Денес сè е изрежирано, и на телевизијата и на радиото. Лажната возбуда на преносот - нели некогаш сте се запрашале да не е сето тоа измама? Последен пат фудбалски натпревар во Буенос Аирес е игран на 24 јуни 1937. Од тој момент фудбалот, заедно со цел куп други спортови, припаѓа на жанрот на драмата, изведувана од единствен човек во коментаторска кабина или од актери во дресови пред ТВ камери."

Неговото поврзување на спортот со религијата е очигледна. Луѓето сакаат да припаѓаат на нешто поголемо од нив, на некој голем универзален план. А кога ќе победи вашиот тим, тој план како да се остварува. Тоа е моментот кога навивачите се поблиску до нивниот Бог, но чекор подалеку од она што се одвива вон трибините.

извор

6 декември 2022 - 16:08