По бучна и долга свадбена веселба, една ноќ се слуша грозен вресок. Невестата и младоженецот се пронајдени мртви во својот кревет, прободени со катана, и фрлени во снегот. Нивната спална соба е заклучена од внатре и нема начин убиецот да влегол незабележано или да избегал без трага. Како е можно ваквото злосторство?
Ова е воведот во „Убиствата во Хонџин“, мајсторски напишан детективски роман од јапонскиот писател Сеиши Јокомизо. Прв пат објавен во 1946, тој прв пат е преведен и објавен на англиски во 2019, по што следеа уште две книги. Ова е совршен пример на хонкаку мистерија: форма на криминалистичка проза која прв пат се појавила во Јапонија пред еден век, во 1920-тите.
„Хонкаку“ се преведува како „правилен“ и се однесува на вештината на составување интелигентни и комплексни сценарија кои можат да се решат само низ логичка дедукција - исто како приказните на Агата Кристи или за Шерлок Холмс. Писателот Харута Јошитаме, кој се смета за првиот кој го употребил овој збор во контекст на книжевноста, го опишува како „детективска приказна која главно се фокусира на процесот на истрага и ја вреднува забавата која произлегува од чистото логичко расудување“.
Овие приказни се послични со игра шах отколку со модерни трилери, кои можат да бидат исполнети со ненадејни пресврти и неочекувани откритија. Во хонкаку нема такви клучеви за откривање кои се држат во тајност до последната страница. Писателите од овој жанр сакаат да „играат фер“, со тоа што на читателот ќе му дадат шанса да ја реши мистеријата пред тоа да го стори детективот.
Првата ваква приказна му се припишува на Таро Хираи, кој ја објавил „Бакарната паричка од два сена“ во 1923. Хираи пишувал под псевдонимот Едогава Рампо, транслитерација на Едгар Алан По. Неговиот лик, приватен детектив од Токио, Когоро Акечи, има многу заедничко со Шерлок Холмс - тој е ексцентичен и самодоволен, пуши егзотични египетски цигари и е експерт за џудо.
И покрај големиот број автори кои подоцна му се придружиле на жанрот, Јокомизо останува поп културна икона во Јапонија, со својот познат детектив Косуке Киндаичи. Тој се појавува во уште 76 книги, како и голем број филмски адаптации, манга и аниме. Киндаичи има дваесетина години, се облекува „гранџ“ во излитени облеки, секогаш ноши шапка со широк обод и зборува пелтечејќи. До својата смрт во 1981, Јокомизо продал повеќе од 55 милиони книги, а во Токио има и музеј кој му е посветен.