Во своите три репортажи за Гардијан од пролетта 1933, Малком Магериџ, дописник од тогашниот Советски Сојуз, ги опишува страшните последици од колективизацијата на селското земјиште во времето на Сталин, особено по житницата Украина. Гладот бил резултат на Сталиновата политика за присилна колективизација и реакција на отпорот од страна на украинскиот народ кој не сакал да ја прифати новата економска политика. Милиони луѓе починале од глад, па оттаму голем број земји во светот „гладомор“-от го признале како геноцид, односно демографска катастрофа причинета од човек без преседан во мирно време.
Еве дел од написите на Магериџ:
Украина е поспецифична земја од Северен Кавказ [во контекст на СССР]. Има свој јазик и своја уметност; јужњачка е, а не толку источна; со бели убави куќи и лежерни луѓе. Дури и во вакви околности може да се види дека била навикната на благосостојба. Местото нема маана, само што, исто како и Северен Какваз, и тука населението гладува. „Глад“ е збор што го слушав насекаде. Селаните молеа да се качат на воз од една до друга станица, со потечени тела - грозна слика - од недостаток на храна. Немаше толку знаци на воен тероризам како во Северен Кавказ, иако видов кулаци [богати селани кои поседувале релативно големи имоти и стока], како се придружувани од вооружена стража кај Дњепропетровск; малите градови и селата изгледаат исто толку утепано, а луѓето се толку очајни што немаат сила дури ни да се бунат.
Инаку, истата слика - мртва стока и коњи; напуштени ниви; мал принос и покрај релативно добрите климатски услови; сето жито кое е произведено е одземено од властите; сега нема воопшто леб, го нема никаде а нема ни нешто друго за јадење; очај и чемер. Пред Револуцијата Украина беше една од најголемите житници во светот, па дури и комунистите признаваат дека нејзиното население, вклучително и сиромашните селани, имаа конфорен стандард на живот; сега би било неопходно да се оди во Арабија за да се најдат култиватори во позапуштена состојба. И тука има нови фабрики, огромна нова електрана кај Дњепрострој, нов плоштад во Харков со големи владини згради, но храната се извезува од Одеса.
Во село на 25 километри од Киев посетив работник во колективна фарма, или колхозник. Неговата жена мелеше просо во надворешната просторија. Таму имаше и три кокошки, а на ѕидот две икони и букет направен од хартија, како и групна свадбена фотографија, многу весела.
Како е?, прашав.
- Лошо, одговори таа.
Зошто?
- Само компири и просо од август.
Ни леб ни месо?
- Ништо.
Подобро беше пред да се придружите на колективот?
- Многу подобро.
Зошто тогаш се придруживте?
- Па, не знам...
Платата на нејзиниот сопруг е 75 копејки дневно. Толку чини половина парче леб. Понекогаш купува малку тутун. Секако, никаква облека, чизми или било што слично.
Кога се вратив во Москва ја видов оваа изјава на Сталин од конференција на работници од колективните фарми:
„Со колективизацијата успеваме да обезбедиме маса бедни селани и да ги издигнеме на ниво на средно богати. Тоа значи дека не помалку од 20.000.000 луѓе се спасени од сиромаштија и уништување, од кулачко ропство, и се претворени во луѓе чиј опстанок е загарантиран. Ова е огромно постигнување, другари. Ова е постигнување кое досега е невидено во светот.“