Француските дадаисти од почетокот на минатиот век, како и денешните авангардни уметници на кои практично им го отвориле патот, се обидувале да ги надминат тесните стеги на дотогашните книжевни и уметнички конвенции, играјќи си со жанрови, отфрлајќи ги рационалноста и логиката, и игнорирајќи ги дотогашните дефиниции за „убаво".
Почетоците на дада се совпаѓаат со Првата светска војна, па оттаму за голем број негови припадници движењето било истовремено и анти-воено, протест против интелектуалниот конформизам и капитализмот, кој според нив и довел до војната.
Во тој контекст тие во мај 1921 организирале перформанс, кој од една страна бил јавно хејтање на колега-писател (тогаш немале Фејсбук), но од друга важен акт на отфрлање на една идеологија, на која подоцна ќе се налепат францускиот анти-семитизам и фашизмот. Се работело за симулација на судски процес против Морис Барес, писател на кого многумина од дадаистите му се восхитувале на талентот, но кој во политичка смисла ги издал со неговите националистички ставови. Додека Емил Зола го пишувал неговиот славен трактат „Обвинувам!" до претседателот на Франција, во одбрана на генералот со еврејско потекло Драјфус лажно обвинет за шпионажа, Барес бил во спротивниот табор, пишувајќи: „Тоа дека Драјфус е виновен го заклучувам не од фактите, туку од неговата раса". Освен тоа, сметал дека поединецот кој не е врзан за земјата, историјата и традициите, односно за општеството засновано на овие вредности е ништо, со тоа промовирајќи ги токму оние „фиксирани" вредности кои дадаистите постојано ги доведувале под знак прашање.
Пародичното судење по сè личело на вистинско - на обвинителната клупа била ставена дрвена кукла, имало претседател на судот, обвинител и адвокат, а настанот бил најавен со плакати низ градот. Обвинителниот акт гласел: „Морис Барес се товари за атентат врз сигурноста на духот“. Сепак, процесот покажал дека и во редовите на самите уметници има суштински идеолошки разлики - додека едни сакале ова да биде уште еден урнебесен спектакл кој низ иронија ќе го исмее и судскиот систем и луѓето како Барес, друга фракција сметала дека ова е сериозна акција, која треба морално да им суди на уметниците кои ја изневериле уметноста. Вториве веќе биле уморни од револт низ негирање, затоа што според нив веќе не останало ништо неизнегирано и обезвреднето.
Сето ова кулминирало со идеолошки, но и со физички пресметки - една група дадаисти подоцна им упаѓала на другата на претстави, малтретирајќи ги на сцена, по што имало и скршеници и реакции од полицијата. Ова на крај довело до расцеп во нивните редови, при што едни свртеле кон анархизмот, други кон комунизмот. Вториве главно се јадрото на она што подоцна ќе бидат надреалистите. Но тоа е веќе друга приказна. Заклучокот од оваа би бил - секој од своите побуди и секој со своите модрици. Вториве со време проаѓаат.